Харадинај и Рама договорија укинување на таксите и роамингот и обединување на царините

Владите на Косово и Албанија на денешната заедничка седница во Пеќ, потпишаа договори со кои, меѓу другото, во наредните шест месеци ќе се обединат царините, ќе бидат укинати царините и роамингот во меѓусебните телекомуникации, јави дописникот на МИА од Приштина.

На свеченоста одржана по заедничката седница, министрите на двете влади потпишаа вкупно девет спогодби и протоколи.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и неговиот албански колега Еди Рама изјавија дека соработката на двете земји е повеќе од неопходна.

Харадинај рече дека граѓаните на Косово и Албанија очекуваат уште повеќе од двете влади, но дека и овие договори што се потпишаа денеска претставуваат „конкретизација на дамнешните приоритети на двете страни”.

– Тоа што го истакнува Косово е неговото застанување на страната на САД како водечки глобален фактор и на страната на нашите стратешки партнери. Албанија секогаш можела да смета на Косово и секогаш има право да смета на Косово, но и Косово секогаш сметало на Албанија и тоа се покажа во 1999 година, во најтешките денови на нашиот живот како нација, изјави Харадинај.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека воведувањето на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина била „исправна реакција на неправдите кои се прават кон Косово, често и со поддршка на разни европски земји”.

Од друга страна, рече Рама, за кратко време Косово и Албанија ќе имаат нула тарифи и целосна унификација на царините.

– Денес е време да се воведат 100 отсто такси на северот и нула отсто на југот на Косово. Како второ, одиме кон царинско обединување: транзит од 1 јануари во пристаништето во Драч за Косово и други чекори во наредните шест месеци кон царинско обединување. Кој смета дека ова претставува закана, било во Белград или во Брисел, добредојден е да дојде, да седне на маса и да му објасниме дека не е закана туку е покана за сите други да земат пример од оваа соработка и Србија прва да го следи овој пример, изјави Рама.

Албанскиот премиер се заложи и за формирање на заеднички фонд на Приштина и Тирана за функционирање на надворешната политика, кој би помогнал за интегрирањето на двете држави во ЕУ до 2025 година.

Денешната седница во Пеќ е петта заедничка седница на владите на Косово и Албанија. Првата се одржа во 2014 година во Призрен, а уследија секоја наредна година по една заедничка седница во Тирана, потоа во Приштина и лани во Корча.

Треба да знаете
Последни објави