Шестнаесет дена активизам против родовото насилство

Националната СОС-бесплатна мобилна линија за жртви на семејно насилство 141 700, како сервис за помош и поддршка на жените жртви на насилство, активно се вклучува во кампањата на Обединетите нации „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Почнува на 25 ноември, а завршува на 10 декември.

Со цел зголемување на пристапот на услуги и информираност на жртвите, како и целокупната јавност за овој општествен проблем, Националниот совет за родова еднаквост активно ќе се вклучи и активира на социјалните мрежи („Фејсбук“, „Твитер“, „Инстаграм“) со цел поголема информираност на сите за насилството, информирање на жртвите за видовите насилство како да излезат од сенката во која живеат, како да го пријават насилството.

За таа цел веќе една година функционира фејсбук-страницата „Излези од сенката – DIL NGA HIJA“ и групата „Заедно можеме – Së bashku mundemi“. Преку страницата и групата настојуваме да допреме до сите оние што се активни на социјалните мрежи, заедно да помогнеме сите, да дадеме поддршка, да дадеме помош, советувања, да поведуваме иницијативи. Во групата имаме тим од психолог, доктор, социолог, правник… односно тим од стручни лица што ќе даваат одговор на прашањата, кои ќе дадат насоки и помогнат да излезат од сенката и да го најдат вистинскиот излез.

Преку страницата и групата се пристапува на начин на кој нема да се нарушува интегритетот и автономијата на лицето што се обратило за помош. Сите активности се преземаат со одобрение на лицето на кое ќе му биде загарантирана анонимноста и доверливоста во согласност со загарантираните човекови права.

Во рамките на националниот совет за родова рамноправност функционира и СОС-линијата 141 700, која овозможува поддршка на жртвите на насилство преку информирање, упатување и психолошко советување, ја запознава жртвата со нејзините права, можности и видови поддршка, посредува помеѓу жртвата и полицијата, центрите за социјална работа и други расположливи ресурси за помош во општината во која живее.

Како функционира СОС-линијата?
 Кога жртвата ќе се јави на бесплатниот анонимен број 141 700, дежурниот оператор активно ја слуша жртвата на насилство, ја информира жртвата за нејзините/неговите права, 
нуди психоемотивна поддршка и ја охрабрува во текот на разговорот. По потреба, ја упатува кај други организации. По желба на жртвата, го пријавува случајот и контактира релевантни институции.

Треба да знаете
Последни објави