Search

Кубица се враќа во Ф1, се договорил со „Вилијамс“

Полскиот автомобилист Роберт Кубица наредната сезона ќе вози за тимот на „Вилијамс“ во шампионатот на Формула 1. Оваа информација официјално ќе биде потврдена за неколку дена пред трката за Големата награда на Абу Даби.

Кубица, по пауза од осум години, повторно ќе се трка во Формула 1. Неговата кариера беше прекината поради тешките повреди на десната рака што ги доби на рели-трка во Италија.

Тоа што движењата со десната рака му се лимитирани не му пречи повторно да седне во болидот.
Првпат по несреќата минатата година, „Рено“ му овозможи да го тестира нивниот болид. Бидејќи постигна добри резултати, тој беше во конкуренција за возач на „Вилијамс“ и пред почетокот на актуелната сезона, која ќе заврши в недела во Абу Даби.

Сепак, „Вилијамс“ реши покрај Ленс Строл, да вози Русинот Сергеј Сироткин. Од овој тим тогаш не ја исклучија можноста Кубица да добие шанса да вози за нив поради што и го задржаа како тест-возач.

Покрај Кубица, наредната сезона за „Вилијамс“ ќе вози и Џорџ Расел.

Роберт Кубица последен пат во болид на Формула 1 се тркаше во ноември 2010 година. Дебито на патеките го имал во 2006 година на трката за Големата награда на Унгарија. До несреќата во 2010 година стартувал на 76 трки како возач на Заубер и Рено. Најголемиот успех го забележал во 2008 година кога победил на трката за Големата награда на Канада.

Треба да знаете
Последни објави