Search

Илиоски: 90 отсто од возилата се постари од десет години, какви налепници ќе им ставиме?

Проблемот со аерозагадувањето треба да се дискутира пошироко и од тие причини ВМРО-ДПМНЕ предлага на наредната седница да се отворат сите прашања да се најде начин во борбата со загадувањето, порача пратеникот Зоран Илиоски на денешната седница на Комисијата за економски прашања. Тој посочи дека предлогот за воведување налепници на возилата не е во насока на решение на проблемот бидејќи, како што рече, најголем број од возилата во Македонија се постари од десет години.

-Оваа Влада, кога ќе се најде во тесно, испорачува предлог-закон за да ѝ го одвлече вниманието на јавноста. Како пример, законот за превоз на ученици во Битола не функционира. И што е решение, донирање автобуси стари 80 години. Какви лепенки овие автобуси ќе добијат, ќе нема со која боја да се означат. Од 400 илјади регистрирани возила, постари од 10 години се 340 илјади возила. По ова, треба сите тие да се означат со црвена налепница или, ако имаат, среќа со жолта. Просечна старост на возилата е 18 години. 2,5 илјади автобуси се постари од десет години. Што ќе правиме кога ќе има енормно загадување, како ќе одиме на работа?  праша Илиоски.

Илиоски го критикува и предлогот за субвенционирање електрични возила бидејќи, според него, 5.000 евра не се малку пари и тој се сомнева дека мерката ќе се злоупотреби за власта да доделува само на свои луѓе поради немањето прецизни критериуми.

Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, реплицира дека повеќето од старите возила се увезени во периодот по 2010 година и дека целта на мерките, според неа, е да им се помогне на граѓаните да го обноват возниот парк.

– Да, на прво место е загадувањето од домаќинствата, а на второ е сообраќајот. Мора да се преземат мерки на сите полиња. Факт е дека над 70 проценти од возилата се постари од десет години, но овој предлог е една од можните мерки за намалување на загадувањето и мора да споменеме дека со дозволениот увоз од 2010 до 2016 година над 230 илјади возила со стандард под Евро 4 беа увезени, рече Морачанин.

Во образложението на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возилата стои дека во врска со заштита на животната средина гледано од агол на штетни состојки на издувните гасови од моторите на возилата, се воведуваат програми за субвенционирање дел од трошоците за: купување возила на електричен погон или хибридни возила, за вградување уреди за погон на ТНГ или друг вид алтернативно гориво и за купување ново возило со одјавување на старото и со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Евроемисиони стандарди на нивните мотори се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило што е во сообраќај на патиштата.

Треба да знаете
Последни објави