Search

Турската амбасадорка во Косово повредена во сообраќајка со тројца загинати

Возило на Амбасадата на Турција во Косово,  во кое била и амбасадорката Кивилчим Килич учествувало во сообраќајна несреќа во која загинале три лица, вечерва на магистралниот пат Приштина- Гњилане, кај месноста Мрамор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во првичното соопштение на косовската полиција се наведува дека во сообраќајката учествувале три возила и дека на местото на настанот починале две лица. Малку подоцна, медиумите објавија дека нешто по 19 часот починало уште едно од повредените лица, така што билансот на оваа несреќа е тројца загинати.

Полицијата потврди дека меѓу повредните е и амбасадорката Килич, која, како и останатите четворица повредени, е пренесена во Универзитетската клиника во Приштина.

Во полициските објави не се наведува дали е турската амбасадорка меѓу двајцата потешко или меѓу полесно повредните, но неофицијално се дознава дека таа не е во животна опасност.

Амбасадата на Турција во Приштина соопшти дека состојбата на амбасадорката Килич е стабилна и дека таа го добила соодветниот медицински третман.

Треба да знаете
Последни објави