Search

Османи: Македонија ќе успее да ја оствари Агендата 2025 на Европската Комисија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел, се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, каде брифираше за напредокот на земјава на полето на имплементацијата на обврските од процесот на европски интеграции.

„Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области и да се создадат услови за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите“, изјави Османи на средбата.

Собранието, додаде тој, го даде првото зелено светло за уставните измени согласно договорот од Преспа, со што, не само што се отвори патот за имплементација на обврските од Договорот, туку се создадоа услови и за забрзување на реформскиот процес на земјата согласно заклучоците на Европскиот совет од јуни.

„Лично присуствував, заедно со колегата од Грција, Јоргос Катругалос, на првиот лет по 10 години пауза меѓу Атина и Скопје, со што и симболично но и суштински ги приближивме двата главни градови на оддалеченост од само еден час“ – истакна Османи, посочувајќи и на усогласеноста меѓу двете земји околу трилатералната иницијатива меѓу Македонија, Грција и Албанија, за одржлив развој на регионот Преспа, како и на иницијативите за стратешко партнерство со Грција и нивна поддршка за европските интеграции на земјата.

Како што соопштија од Кабинетот на Османи, тој информирал Хан и за напредокот во подготовката на преговарачката структура за почеток на преговорите. „Работиме активно на вклучување како на граѓанскиот сектор, така и на академската заедница во преговарачката структура, процес кој очекуваме дополнтелно да ја засили преговарачката стручност и ефикасност на државата“ – истакна Османи.

„Имаме напредок по сите траектории – адресирањето на итните реформски приоритети и препораките врзани за европските интеграции; имплементација на обврските од договорите со Бугарија и Грција и напредок во добрососедските односи; како и подготовка на тимот и преговарачката структура за почеток на преговорите“ – истакна Османи, упатувајќи уверување до еврокомесарот Хан дека Македонија успешно ќе се приклучи на Стратегијата на Комисијата за проширување со земјите од Западниот Балкан и ќе успее да ја оствари Агендата 2025.

Во рамките на посетата на Брисел, Османи одржа и неформален брифинг со претставници на работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), каде го претстави Планот 18.

Треба да знаете
Последни објави