Search

Градежништвото применува само обврзувачки стандарди, фирми користеле и фотокопирани

Во градежништвото во Македонија претежно се купуваат обврзувачките стандарди со регулативата, а во овој сектор се евидентирани и фирми со фотокопирани стандарди. Примената на стандардите со правила и принципи се клучни за конкурентноста и квалитетот на градбите, порачаа денеска од Институтот за стандардизација (ИСРМ).

– Доброволната примена на стандардите, сепак, заостанува. Анализите покажуваат дека најпродавани се стандардите што се однесуваат за прозорци и врати, за агрегати за патишта и бетон. Еден стандард се повикува на низа други стандарди што говорат за испитување  на градежниот производ. Тие пакети во случајов со агрегатите се најпродавани стандардите,  а по нив следат стандардите со методите за испитување на бетонот и цементот, рече денеска на прес-конференција Соња Черепналковска, раководител на сектор за стандардизација.

Директорот на ИСРМ Џевад Кицара, потенцираше дека Институтот е единствено национално тело што издава стандарди, кои иако не се обврзувачки се неопходни за конкурентноста на фирмите.

– Може да се случи изведувачот да одбере фирма која има оригинален стандард, а вие да имате подобри услови за работа. Контролата на увозот ја врши Царината и Државниот пазарен инспекторат,  во што ние немаме допирни точки. Но, потенцираме да се бараат оригинални стандарди од овој  или кој било друг институт затоа што во минатото се случувало да доаѓаат фирми со фотокопиран стандард од каде било и да бидат конкурентни на пазарот. Ако купите стандард веднаш станувате конкурентни  и покажувате дека сакате да ја изведувате работата квалитетно, рече Кицара.

Тој појасни дека корисниците на фотокопирани стандарди подлежат на санкции согласно Законот за авторски права и ги повика инспекциските органи да ги откријат таквите појави.

Од ИСРМ појаснија дека стандардите треба да ги поседуваат производителите. Цената на стандардот зависи од бројот на страниците и тие се обновуваат зависно од промените на пазарот. Најевтиниот изнесува 500 денари, а најскапиот 3.000 денари.

Според претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори Ивица Јаќимовски, се очекува примената на стандардите во градежништвото да се издигне на повисоко ниво по неодамнешното стапување во сила на Законот за градежни производи.

Јаќимовски тврди дека компаните од високоградбата во оваа комора  градат исклучиво по стандарди.

– Постојат стандарди за бетон, за железо,… што пак постојано се контролира од акредитирани лаборатори. Не може да се вгради бетон или арматура, а тие да не се согласно со стандардите, вели Јаќимовски.

Тој вели дека не треба да има сомнеж за квалитетот на градите. Како што појасни, инвеститорот е обврзан пред вградување бетон или арматура да направи лабораториски испитувања дали тој материјал го задоволува предвидениот квалитет.  За купувачите кои сакаат  да го исконтролираат квалитетот на градбата постои законска можност да ги побараат сите лабораториски испитувања од  вградени материјали и одредените сертификати кои го гарантираат квалитетот на самиот производ,  рече Јаќимовски.

Во градежништвото постојат околу 2.000 европски стандарди што се прифатени како македонски национални стандарди, класифицирани според групацијата на производи. Воедно и еврокодовите се стандарди кои даваат принципи и правила за проектирање. Институтот има усвоено и изворни македонски стандарди, во областите каде не се прифатени европски и меѓународни стандарди.

Освен лабораториските согласно Законот  постојат и сертификациски тела кои ги сертифицираат производителите за градежни производи. Самите стандарди кажуваат кои  производи и тела треба да се сертифицираат  од сертификациските тела, а за кои е доволно да се изврши само лабораториски испитување. Државниот пазарен инспекторат, пак, одговара дали градежните производи одговараат на барањата на стандардите.

Треба да знаете
Последни објави