Search

Профитот на газдите побитен од човечкиот живот

Валентина Ангеловска

Непочитувење на законските одредби и неприменување на заштитните средства при работа се главна причина за губење на човечки животи во тек на работниот процес, велат експертите од оваа област. Нивната реакција доаѓа откако вчера излезе податок дека годишно во земјава се случуваат по150 несреќи како резултат од неприменување на безбедоносни мерки за заштита при работа. Невзат Умер, магистер за заштита при работа, вели дека се почесто се потценуваат реалните ризици на работните места.
Според него, најмногу несреќи се случуваат во земјоделство како сектор кој е недоволно третиран од сите фактори на системите на заштита при работа.

Втор сектор на кој најмалку се обрнува внимание секако е градежништвото, посебно работата на височина. За жал, работодавачите генерално настојуваат да ги задоволат минимум законските обврски и толку. Реално понатаму не се вложуваат средства во заштита на своите вработени. Посебно ова е карактеристично за малите фирми. Потребно е работодавачите конечно да сфатат дека вложените пари во безбедноста и заштита при работа се средства кои се инвестирани во иднината на фирмата- вели Умер.

Тој смета дека во најмала рака потребни се сериозни законски измени или целосно нов закон.

Сегашниот има многу нејаснотии, недоречености па дури и грешки, прегломазен е бидејќи, секако, некои работи можат да се префрлат во подзаконските акти. Работодавачите треба да имаат во предвид дека измените или целосно нов закон не би се правел со цел да се олесни положбата на работодавачите. Нов закон би значел и поконкретни задолженија и обврски на сите оние кои ги ангажираат и вработуваат работниците се со цел побезбедни и поздрави работни места- вели Умер.

Според него, потребни се стручни лица за спроведување и одржување на безбедноста и здравјето во фирмите.

Законот не смее да има ограничувања, изборот би требало да биде на самите работодавачи. Од нив треба да зависи дали ќе вработат стручно лице или ќе ангажираат надворешна фирма, слично како и во други сектори како сметководство, обезбедување, хигиена и слично- вели Умер.
Според него има многу начини да се намали алармантната бројка.

Пред се мора да се посвети поголемо внимание на реалните опасности и ризици на конкретните работни места. Но тоа не смее да се сфати како обврска само на работниците и стручните лица. Клучната улога ја имаат сепак работодавачите односно газдите на фирмите- вели Умер.

Тој вели дека не смее да се дозволи да се минимизира нивната одговорност во целиот систем на безбедност и заштита при работа.

Нека бидат пример странските инвеститори во земјата. Тие посветуваат големо внимание на безбедноста при работа. За нив големо значење има позитивната рефенца во поглед на Безбдност и заштита при работа . За нив само завршена работа и проект без несреќи при работа е успешно завршен проект.

Треба да знаете
Последни објави