Search

Отчет на градоначалникот Богдановиќ по повод една година од стапувањето на функцијата

Отчет на градоначалникот Богдановиќ по повод една година од стапувањето на функцијата

Општина Центар во изминатава година редовно и навремено ги исплаќа побарувањата на своите соработници и редовно ги исплаќа платите на своите вработени, порача градоначалникот Саша Богдановиќ на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на една година од доаѓањето на новото општинско раководство.

-Од неискористените средства од програмата за „Скопје 2014“, 82 милиони денари се пренаменети за раздолжување на судски долгови на општината. Досега, по основ на сите судски побарувања, општина Центар има вратено околу 150 милиони денари. Лани општината имаше долгови од 120 милиони денари кон добавувачите, а сега има само долг од 20 милиони денари за недоспеани побарувања и 0 денари долг доколку се гледаат доспеаните побарувања, рече Богдановиќ.

Тој посочи дека Секторот за инспекциски работи во изминатата година изврши над 500 увиди и инспекциски надзори, зависно од пријавата и од проблемот и издаде над 200 правосилни решенија, а Секторот за Локален економски развој (ЛЕР) изработи, спроведе и учествуваше во голем број проекти и настани. Доделени се и 500 решенија за легализација на објекти, а целосно се реконструирани шест улици. Во моментов се врши темелна реконструкција на улиците „Ѓуро Ѓоновиќ“ и „Димитар Пандилов“. Реконструирани се и две поголеми и седум помали игралишта. Поставени се 500 заштитни столпчиња на улиците, 100 нови канти за отпадоци, а на четири локации се поставени држачи за велосипеди. Традиционално и оваа година се одржа акцијата „Цел Центар на точак“, со што се субвенционираа над 500 барања за велосипеди.

-Општина Центар посебно голема грижа води за најмладите жители на општината. За таа цел, покрај редовното одржување на училиштата, изградивме и доградивме осум нови училници и простории во основното училиште „Гоце Делчев“, ја сменивме целата водоводна и фекална канализација и реконструиравме уште осум други училници и простории. Во ОУ „Кирил и Методиј“ реконстурирани се две училници, во ОУ „Кочо Рацин“ го реконструиравме надворешното игралиште, а во ОУ „Коле Неделковски“ заменети се 18 стари, метални врати со нови. Почнува и третата финална фаза од изградбата на ОУ „Капиштец“ кое ќе биде најсовремено во државата, посочи Богдановиќ.

Во областа на социјалната работа и заштита, додаде, досега се доделени 333 финансиски поддршки за новороденчиња, како и над 300 финансиски поддршки на лица со висок социјален ризик. Во градинките на територија на општината воведени се бесплатни часови по англиски јазик за децата од средните и големите групи.

-Во соработка со Ротари Клубот Скопје – Камен Мост, во дел од градинките се донираат и прочистувачи на воздух. Комплетно санирани се јаслите во градинката Кочо Рацин – клон Бели Мугри, како и отпочната е набавка на реквизити за матичниот објект на градинката “13-ти Ноември“. За највозрасните жители функционира сервис за стари лица, со преку 100 корисници, како и седумте Пензионерски клубови на општината, потенцира Богдановиќ и најави дека по звршувањето на ревизијата и доработката на Деталните урбанистички планови, попозната како „Мораториум на градби“, тие повторно ќе се стават на дневниот ред на општинскиот Совет.

Треба да знаете
Последни објави