Search

Кире црта како стрип-мајстор, а “ликовно” имал двојка

Кире црта како стрип-мајстор, а “ликовно” имал двојка

Почнал да црта од три години. Го инспирирале „трансформерите“. Кире, веќе средношколец, без ничија помош развил завиден талент и денес може слободно да се носи со кој било професионален стрип-креатор.

Ако му ги погледнете цртежите, нема да знаете дали се направени додека бил помал или сега, но неговото остро око веднаш ќе ви каже: „Ова ми е одамна, ова не чини, ова може да пројде, оваааа – хммм, ќе го биде“.

Исклучително скромен, дури и срамежлив, вели дека засега цртањето му е само хоби. Има периоди кога не „пипа“ ништо, иако зад него се куп непроспиени ноќи со моливот в рака.

– Уште цртам со молив. Почнав од три години. Постојано го терав татко ми да ми ги црта „трансформери“, го малтретирав. Прво сакаше, но потоа му здосади. Немав каде, морав сам да почнам. Првите цртежи не ми личеа на ништо, раскажува Кире.

Откако ќе ги заврши со молив, цртежите најчесто ги финишира со фломастер или рапитограф. Боењето со четка не му лежи, а и не му се допаѓа многу. Водени бои и темпери не сака. Користи посебни стрип-маркери што ги купува од интернет.

Родителите Луиза и Тони веднаш го препознале талентот на своето дете, но во основно училиште Кире никогаш немал петка ликовно. Во осмо одделение наставничката му ставила четворка за крај зашто цело време имал двојка.

– Отсекогаш цртал одлично.Обично е тоа ноќно време. Во лето дури почнува да црта накај два, три, па и четири часот. Тогаш има најголема концентрација, никој не му галами, вели Луиза и покажува цртежи што Кире специјално ги нацртал за некои нејзини родендени или за 8-ми Март.

Со жалење дополнува дека катастрофалните поплави од пред две години ги уништиле сите цртежи на Кире направени додека одел во градинка и во основно. Тие тогаш живееле во населбата Ченто која беше една од најпогодените.

– Се собирав во една кутија, но со поплавите, сите цртежи отидоа, истакнува Лујза.

На Кире предизвик му се јапонските „аниме“ стрипови, „Марвел“ и Микел Јанин, а порано му влијаела и видео играта „Бог на војната“. Извесно време цртал и графити.

– Техниката ја усовршувам постојано. Од лани до сега разликата е огромна, пет пати подобро цртам. Еднаш посетував и часови, но тоа траеше два – три месеца зашто ништо не ни покажуваа, само цртавме. Всушност, само губев време, вели Кире и низ насмевка додава дека посебно сака да црта кога ќе го изнервира неговата седумгодишна сестричка Нина.

Засега омилени му се неколку цртежи, посебно „роботот“ и „тетоважата“.

Освен што црта, Кире свири и гитара, а со другарите прави и рап музика.

Неговите цртежи засега ги виделе само најблиските дома и другарите. Иако е сигурен дека ќе продолжи да црта, не размислува за каква било изложба, ниту за професионално образование во таа насока. Вели, едноставно црта за ќеиф.

– Последниве три месеци речиси ништо не сум нацртал, освен, онака, по нешто, во тетратки, по некоја глупост. Ама сериозно, не. Едноставно не ми се црта. Немам инспирација, истакнува Кире.

Ова самоуко момче кое има 14 години и учи во средното школо „Борис Кидрич“ продолжува спонтано да ја негува својата посебна, уникатна естетика.

Треба да знаете
Последни објави