Search

Димитров се сретна со Помпео:Македонија е следна тула на заедничка евро-атлантска куќа

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Вашингтон оствари средба со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.

Од МНР информираат дека ова е прва средба на министерот Димитров со државниот секретар Помпео, а на истата биле разменети мислења за актуелните внатрешно-политички состојби и надворешно-политички приоритети на Република Македонија.

Министерот Димитров истакнал дека со својата конструктивна политика и остварени резултати, Република Македонија докажува дека заслужува да стане полноправна членка на НАТО.

„Македонија е следната тула на заедничката евро-атлантска куќа“, рекол министерот Димитров и ја нагласил важноста на натамошната американска поддршка на овој пат.

„Во регион кој сè уште се соочува со значајни отворени прашања, успехот на една земја е позитивен знак и поттик и за другите земји“, нагласил Димитров.

Во соопштението од МНР се додава и дека секретарот Помпео упатил честитки за напредокот што го постигнала Република Македонија во изминатиот период, како на планот на внатрешните реформи, така и во односите со соседите, особено со постигнувањето решение за спорот околу името.

Американскиот државен секретар истакнал и дека земјата се наоѓа пред нов, многу значаен предизвик, кој доколку биде успешно надминат, ќе биде јасен сигнал за заокружување на започнатиот процес што треба да кулминира со членство на Македонија во НАТО.

Притоа, Помпео нагласил дека поддршката на САД ќе остане силна бидејќи САД ги препознаваат напорите на земјата и ќе продолжат да го помагаат патот кон НАТО и ЕУ.

По средбата со секретарот Помпео, министерот Димитров имал одделна средба и со помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел, кој исто така упатил честитки за договорот со Грција и го поддржал заокружувањето на процесот на зачленување во НАТО.

Треба да знаете
Последни објави