Инженерот на мостот Моранди предупредувал за неговата безбедност уште во 1979

Рикардо Моранди, италијанскиот инженер и дизајнер на мостот во Џенова по кого е именуван вијадуктот, уште во 1979 година предупредувал дека ќе биде потребно постојано одржување.

 

Тој нагласил дека ќе биде потребно да се отстранува ‘рѓата на градбата предизвикана од непосредната близина на морето и загадувањето на воздухот. Мостот Моранди се сруши минатиот вторник и по затворањето на официјалната потрага по жртви и преживеани, билансот на загинати е 43 лица.

Италијанската државна телевиија  објави делови од извештајот со потписот на Моранди од 1979 година, 12 години по отворањето на надвозникот што е дел од автопатот А10.

Во извештајот стои дека уште тогаш било познато дека може да дојде до „губење на површинската отпорност на бетонот на хемикалии“, поради морето и загадувањето на воздухот предизвикано од блиската челичарница.

Моранди тогаш ја потврдил стабилноста на дизајнот на мостот, но предупредил: „Порано или подоцна, можеби за неколку години, ќе биде неопходно да се направи отстранување на сите траги на ‘рѓа од мостот“.

Треба да знаете
Последни објави