Search

Борисов му порача на Заев два пати да мисли пред да рече бидејќи доаѓа време за ЕУ

Борисов му порача на Заев два пати да мисли пред да рече бидејќи доаѓа време за ЕУ

Минатото и напластеното разногласие во толкувањето на  историските настани, повторно докажуваат дека како Дамоклов меч се надвиснуваат над односите што ги градат земјите сега.

Последен мегдан за тоа беа прославите на годишнината од илинденското востание.

Ниту лани-потпишаниот македонско-бугарски договор за добрососедство и пријателство изгледа не е доволен гарант за одредени кругови во двете земји, дека намерата и на едните и на другите била- еднаш засекогаш да се престане да се робува на минатото.

Па така одново почнаа да се бараат точки и запирки во изјавите на политичарите и воскреснаа сомневањата дали и колку искрени биле заложбите за градење на добрососедски и со ништо неоптоварени односи и сето тоа поради тврдењата дали е само македонско и дали е само бугарско Илинденското востание а тешко се прифаќа дека е на сите.

Во последниот случај по неколкудневно затишје денеска се огласија премиерите на двете земји. Борисов отиде дотаму индиректно да порача дека кога ќе дојде време за ЕУ, ќе се потсетат на овој момент. Моментот кога во последното телевизиско интервју премиерот Заев илинденското го карактеризира за македонско востание.

Заев денеска возврати со статус на фејзбук-критичарите во Македонија и во бугарија да немаат дилема пријателството и соработката се искрени.

„Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство“ – напиша претпладнево премиерот Заев на фејсбук, истовремено потсетувајќи на заложбата на Борисов и на министерката Захариева да се добие датум за старт на преговорите за членство со Европската унија и покана од НАТО.

„Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело“, напиша Заев со повик да не се правиме слепи и глуви.

,,Илинденското востание е херојски и трагичен венец на бугарското револуционерно движење за слобода и национално обединување.со решителност и жртва, без надеж за помош однадвор, Бугарите од Македонија и Тракија станаа во очајна, но достојна битка за правда. Бунтовниците го испишаа големото кредо на нашата национална револуција – “слобода или смрт”. Илинден нè потсетува дека слободата и историската вистина мора да се ценат и ревносно да се бранат“ – напиша пак бугарскиот претседател Румен Радев на својот ФБ профил , само неколку часа по заедничката македонско-бугарска прослава на годишнината од Илинденско востание во Благоевград.

Инаку , како што обврзува договорот за добрососедство, веќе е формирана македонско бугарска мешовита комисија од историчари кои би требало да ги разрешат дилемите од минатото. Ќе бидат ли поуспешни од политичарите?

Треба да знаете
Последни објави