Search

Мирослав Богдановски нов раководител на Секторот Инспекторат на Град Скопје

Мирослав Богдановски нов раководител на Секторот Инспекторат на Град Скопје 

Итни реформи на градскиот Инспекторат за поголема ефикасност, негова транспарентност и достапност до граѓаните за тој да биде вистинска алатка преку која граѓаните ќе можат да ги остварат своите права – се само дел од суштинските предизвици што пред себе си ги поставува новиот раководител на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски. На оваа позицијаБогдановски доаѓа од Агенцијата за просторно планирање, каде што работел 10 години, а една година бил и директор на Државниот инспекторат за животна средина. Богдановски е магистер по економски науки и долгогодишен активист за заштита на животната средина, активно вклучен во неколку здруженија и иницијативи со искрена желба и амбиција да придонесува за одржлив развој и почиста и поздрава околина.

 

– Продолжуваме каде што застанавме. Овој мој ангажман во Град Скопје е вистински предизвик, зашто во градот има многу проблеми за решавање. Очигледно е дека ни претстои многу работа, а јас имам желба, верба и поттик за да се подобрат работите и Скопје да биде еден од најеколошките градови во Европа. Искуството што го имам стекнато во Агенцијата за просторно планирање, во Државниот инспекторат за животна средина и како активист за заштита на човековата околина, секако дека ќе го пренесам на оваа нова функција во интерес на нашето Скопје, за што очекувам поддршка и успешна соработка со другите служби во Град Скопје. Најнапред би споменал и тоа дека е потребно да се направи извесна реформа на Инспекторатот, ќе треба да се зголеми бројот на инспектори, а има потреба да се формира и еколошка или комунална полиција со зголемени надлежности. За да се отстранат пречките во работењето со кои се соочува овој Инспекторат, веќе поднесовме иницијативи за промена на одредени закони од областа на патниот сообраќај и од комуналната сфера – вели Богдановски.

Тој додава дека Инспекторатот во изминатиов период спроведе и конкретни акции за расчистување на јавните површини.

Во текот на изминативе денови спроведовме акции за расчистување на јавните површини од препродавачите на сезонско овошје и зеленчук. Долгогодишниот проблем, на пример, што постоеше со препродавачите на улицата Брадфордска го решивме, а ги расчистуваме јавните површини и на Бит-пазар и на булеварот Трета македонска бригада. Ваквите акции ќе бидат се почести за да се воведе ред на јавните површини. Во таа смисла и во интерес на граѓаните и на заштитата на околината, во наредниот период ќе се посветиме на делот кај Зелениот пазар, како и на булеварот Никола Карев (Пластичарската улица). Нелегалните препродавачи деновиве постојано ги опоменуваме за да ги отстранат производите од јавните површини, но потоа,  доколку тоа не донесе резултат, тогаш ќе преземеме законски мерки. За успешно и ефикасно извршување на работата на инспекторите и на комуналните редари, кои работат во смени, ќе се организира и нивна соодветна едукација – нагласува Богдановски.

За да се реши долгогодишниот проблем со препродавачите на сезонска стока на јавните површини градскиот Инспекторат во соработка со Секторот за планирање и уредување на просторот, бараат решение со кое на продавачите ќе им се овозможи легално да ја продаваат својата сезонска стока.

При извршувањето на нашите задачи и обврски планираме да воведеме и современи смарт алатки, како што се дроновите, кои на инспекторите ќе им помогнат да имаат подобар увид врз ситуацијата на теренот. Исто така сакам да нагласам дека го зголемивме и буџетот на Инспекторатот во врска со индикативните мерења кои ќе бидат корисна алатка за инспекторите при проверката на потенцијалните загадувачи. Сакам, исто така, да нагласам дека веќе е воспоставена координација и со МВР за побрза полициска асистенција или интервенција, се разбира, во случај на потреба, кога интервенираат нашите градски  инспектори –  вели Богдановски.

Тој додава дека работата на јавните градски претпријатија во наредниот период ќе биде ставена под зголемена контрола од Град Скопје, и дека ќе се проверува нивното доследно извршување на задачите и надлежностите што ги имаат. Комуналните редари, пак, ќе добијат соодветна работна опрема со амблем на Град Скопје со што ќе бидат препознатливи, а се верува дека така ќе им се олесни и извршувањето на нивните задачи.

Треба да знаете
Последни објави