Search

Владата го предложи Бислимовски за претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Владата го предложи Бислимовски за претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Владата ги предложи Марко Бислимовски за претседател, а Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани за членови на Регулаторната комисија за енергетика. Со донесување на новиот Закон за енергетика му престана мандатот Димитар Петров, досегашниот претседател на ова регулаторно тело.

„Лицата кои Владата како предлог ќе ги испрати до Собранието се избрани на јавен оглас. На огласот аплицирале 13 кандидати, а истиот траел од 8 до 14 овој месец “, соопшти Мухамед Хоџа, портпарол на Владата.

Предлозите ги утврди владината Комисија за именување каде претседава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а членови се вицепремиерите Кочо Анѓушев и Хазби Лика, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Се очекува до крајот на јули новиот претседател и членови на РКЕ да стапат на функција. Во делот на енергетските проекти од Владата информираа дека интензивно се работи на подготвителната фаза за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште на Црна Река.

„Работна група веќе е формирана со одлука на Влада. Работната група имаше два состаноци досега, а работат колеги експерти од оваа област од сите други министерства, од АД ЕЛЕМ има претставник кој е член на работната група. Во моментов се анализираат можностите за градба и кој тип на брана да се реализира понатака“, изјави Драган Миновски, директор на АД ЕЛЕМ.

Премиерот Зоран Заев пред два месеци најави дека овој капитален проект ќе го гради Владата, а ќе се реализира преку АД ЕЛЕМ. Ќе чини 220 милиони евра, и не е мегаломански зафат. Финансирањето ќе биде или преку задолжување или преку буџетски средства. Досега пропаднаа 12 тендери за изградба на овие енергетски капацитети на Црна Река.

Треба да знаете
Последни објави