Search

Дали „црната овца“ во семејството стои зад тројното убиство со секира?

Денеска се очекува судската разврска на еден од најкрвавите случаи на тројно убиство во Јужна Африка. Главен обвинет е Хенри ван Бреда кој се товари дека ги убил мајка му, татко му и брат му и се обидел да ја убие сестра му со секира.

Болничарот од Брза помош кој прв стигнал на местото на убиството пред судот рече дека сцената била најужасното нешто што го видел во неговата 39-годишна кариера.

„Крв течеше по скалите како водопад“, сведочеше Кристијан Кегеленберг, кој сега е во пензија.

Мотивот за ужасните убиства уште е непознат, но се смета дека најверојатно Хенри сакал да го наследи семејниот имот. Кој и да е мотивот, она што ги фрапираше службите и јавноста беше ладнокрвноста со која бил извршен нападот.

Црната овца во семејството

Сега останува на судот да донесе правда за убиените членови на семејството Ван Бреда кои според сите сведочења биле генерално почитувани и сакани луѓе и немале непријатели, но Хенри бил „црната овца“. Семејството се доселило од Австралија во Јужна Африка девет месеци пред убиствата.

Додека брат му и сестра му постигнувале академски успеси, Хенри се вратил дома од факултет, паузирал и немал никаков план што да прави со животот.
Таткото Мартин бил добар, но строг човек – сакал сѐ најдобро за своите деца и го очекувал најдоброто од нив.

Хенри не бил синот за пример. Наводно имал и проблеми со дрога и родителите му се заканиле дека нема да му даваат пари ако не се среди.

Многумина сметаат дека токму неговата неможност да се мери со сликата за „совршеното семејство“ го излудела и го довела до точка да изврши свирепо убиство.

Што се случило?

Утрото на 27 јануари, 2015 година Мартин и Тереза ван Бреда биле најдени во „локва крв“ во нивниот скап дом во Де Залзе, Јужна Африка. До нив биле синот Руди, кој исто така бил мртов, и 16-годишната ќерка Марли која го преживеа нападот.

Хенри дал изјава во полиција дека напаѓачот бил „добро граден црнец“ кој носел ракавици и марама преку лицето и дека нападот бил обид за грабеж.

Кога се јавил во полиција рекол: „Јас и моето семејство бевме нападнати… од тип со секира“.

Хенри исто така имал повреди што тврди дека ги добил од соочувањето со напаѓачот. Експерти пред судот рекоа дека речиси сите рани на телото му биле од самоповредување. Исто така, сите други жртви биле убиени со снажни, длабоки исеченици, а неговите повреди биле површински.

Ханри тврди дека не е виновен за убиствата, но неговото алиби има многу дупки. Дополнителна отежнувачка околност е што немало знаци на насилно влегување во куќата, ништо не било украдено од долниот кат на куќата, а убиствата се случиле на горниот кат, како и фактот дека викнал помош дури речиси три часа по нападот. Тој тврди дека бил во шок и паднал во бесознание откако видел како му го убиваат семејството.

Треба да знаете
Последни објави