Search

Денеска е Спасовден

Четириесет дена по Велигден (во четврток)

Именден празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…

Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).

Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.

На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас“ и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата. Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на средселото и се послужувале сите присутни. Во Гевгелиско, пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.

Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. Имено, тој на едно место запишал дека „нефелало да се работи навечер од Велигден до Спасовден, за да биди добар бериќетот и да не биди скапија“, а на друго место во врска со баењата запишал дека водата од Кривата Воденица што се наоѓала на патот кон Магарево, најлековита била од Величетврток до Спасовден. „Од ден Величетврток ќе заватат да одат кај Кривата Воденица битолчани и од селата да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасоен“.

Во еден запис за црквата „Свети Спас“ во Штип се вели дека е изградена „во времето на северномакедонскиот кнез Константин во втората половина на XIV век, поточно во 1369 година“, односно дека е изградена од Димитар, војвода на Константин, а Константин во 1388 година и подарил на црквата неколку села заедно со селаните. Во овој запис уште се истакнува дека на празникот Спасовден камењата на црквата однадвор ги завивале со волнени конци. Тоа го правеле жените без деца коишто верувале дека Господ ќе ги удостои со рожба ако на празникот црквата ја замотаат со волнени конци.

Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за град да не го уништува полето. Ова верување е остаток од претхристијанскиот период кога кај Словените четвртокот бил ден посветен на врховното божество громовникот Перун и бил нарекуван Перунов ден. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот. Така на пр. Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало“ на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!“ И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо.“ Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!“

Треба да знаете
Последни објави