Search

Прилепската болница доби 44 електрични кревети и дополнителна медицинска опрема

Прилепската болница доби 44 електрични кревети и дополнителна медицинска опрема

Вкупно 44 електрични болнички кревети и дополнителна медицинска опрема денеска доби градската болница „Борка Талески“ од Прилеп. Ова е донација во вредност од 40 илјади евра од меѓународните организации „Пламен на мирот“ од Виена, Суверен болнички ред „Св. Јован од Ерусалим“, Ротари клубот „Прилеп“ од Прилеп и Лајонс клубот „Вардар“ од Скопје.

Според Жан Станоевски, секретар на организацијата „Пламен на мирот Македонија“ креветите се од болницата „Сент Џорџ“ од Лондон.

– Електричните болнички кревети иако се користени, но се добро одржувани. На пазарот овие кревети чинат по 10.000 евра. Идејата ни дојде со помош на донаторската куќа „Пламен на мирот“ од Виена и се обидовме да собереме донатори кои ќе ни помогнат да се спроведе оваа операција и сите кревети да се донесат од Лондон во Македонија, рече Станоевски.

Директорот на прилепската болница Драган Богоевски вели дека 90 отсто од креветите се употребливи и ќе се распоредат за интензивна нега во одделенијата.

– Оваа донација ќе биде од голема корист за нашата болница зашто располагаме со стари кревети. Електричните кревети се попрактични и пофункционални и ќе се распределат за интензивна нега во соодветните одделенија на болницата. Голема благодарност до организацијата „Пламен на мирот“ и се надевам дека соработката ќе продолжи, изјави Богоевски.

Прилепскиот градоначалник Илија Јовановски нагласи дека бенефитот ќе го имаат пациентите, што е и најважно.

– Како градоначалник секогаш ќе се залагам за каква било донација што ќе им служи на граѓаните на Прилеп, рече Јованоски.

Треба да знаете
Последни објави