Search

Пендаровски: НАТО не е единствена, но е најдобра алтернатива за Македонија

Пендаровски: НАТО не е единствена, но е најдобра алтернатива за Македонија

После сите компаративни анализи што може да ги извлечеме на таа тема, не можам да видам дека постои друга организација, во некој друг регион во светот, која нуди подобри предуслови за развој на ова специфично општество во Република Македонија, вели националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, во неделното интервју на Радио слободна Европа.

Господине Пендаровски, вашата актуелна функција доаѓа во период кога очекувањата за влез во Алијансата се подигнати на повисоко ниво. Кои се вашите лични проценки, дали сме сега поблиску до Алијансата отколку што бевме пред 10 години, пред славниот самит во Букурешт во 2008 година?

– Јас мислам дека сме поблиски. Јас сум еден од тие славни учесници на тој неславен самит во 2008 и отприлика ја знам атмосферата која владееше и внатре во македонската делегација и од аспект на човек кој тогаш беше вработен во кабинетот на претседателот на Македонија и беше блиску до главниот спор кој и тогаш и сега нè носи или нè одалечува од Алијансата. Мислам дека и внатре атмосферата е поинаква и надворешно земено, клучните фактори имаат поголеми очекувања од тоа дека може да се изроди нешто позитивно од преговарачкиот процес.

Името се сепак клучната пречка, што ако не го затвориме ова прашање? Која ни е тогаш алтернативата?

– Секоја одговорна политика мора да има и алтернативни планови. И со оглед на тоа дека станува збор за стратешка цел која е дефинирана не само од ова сега владејачко мнозинство, туку практично од сите релевантни партии наназад 25 години, од сите нив е дефинирана како стратешка цел, едната е нели НАТО, другата е ЕУ. Јас мислам дека ние до утре може да разговараме за алтернативи, меѓутоа подобра варијанта од оваа двојна интегративна агенда нема да најдеме. Јас не гледам подобра варијанта за Република Македонија, пред сè од нејзината кохезија како општество, со оглед на хетерогеноста на населението кое живее во ова земја, со оглед на потенцијалите за економски просперитет и развој кога би биле во тие меѓународни организации кои ги споменав. Значи алтернативата е да се продолжи да се преговара. Ние преговараме од 1993 година, значи четврт век, прашањето да беше едноставно ќе беше решено уште многу одамна. Тука има и многу странични прашања кои се поврзани со ова главно прашање, не е само една реченица, потпиши и после да не те боли главата, така што јас навистина не можам да видам, не затоа што сум дел од ова политичко или парламентарно мнозинство или од оваа власт, која ова го има кренато на највисоко можно ниво како практично апсолутен политички приоритет број 1 и број 2, значи ЕУ и НАТО, туку генерално и кога не сум бил во власта, кога сум бил во опозиција, и како професор и како граѓанин на оваа земја, навистина не можам да видам, после сите компаративни анализи што може да ги извлечеме на таа тема, не можам да видам дека постои друга организација, во некој друг регион во светот, која нуди подобри предуслови за развој на ова специфично општество во Република Македонија и особено специфичен регион, и од безбедносен аспект ако сакате, со едно прилично нестабилно опкружување години наназад.

Како очекувате да реагира Русија ако Македонија добие покана за членство во Алијансата? Неодамна и рускиот амбасадор Олег Шчербак упати предупредувачки критики или пораки до македонската јавност ако се случи едно такви сценарио.

– Ние го одбравме тој пат многу одамна, значи многу пред да дојдат тие изјави не само од амбасадорот, туку и од нивното Министерство за надворешни работи кое од време на време излегува со формулации, кои јас мислам дека содржат реторика која не помага да се подобрат билатералните односи меѓу двете држави. Една од тие изјави, сигурно ја паметите, беше дека во случај кога би влегла во НАТО, Македонија би била легитимна цел. Легитимна цел сте само кога претставувате закана за некоја држава, инаку, зошто би биле легитимна цел за Руската Федерација? Јас, и целокупното раководство тоа го тврди, и сите разумни луѓе и целокупната експертска заедница која сака реално да гледа на целиот комплекс прашања, велам дека Македонија ниту денес, кога не е членка на НАТО, ниту утре кога ќе биде членка, не е закана за Руската Федерација. Ние не сме закана за ниеден од нашите соседи и во една реченица тоа да го сумирам, ние не сакаме да влеземе во НАТО за да бидеме закана за некого надвор од нашите граници. Ние имаме цел сет причини зошто сакаме да бидеме дел од таа Алијанса и зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ. Не за да бидеме закана за некого, туку за да бидеме дел од една организација, каде што членките споделуваат вредности. Тоа е една извикана категорија која луѓето мислат дека е апстракција, а не е.

Како тогаш да ја толкуваме таквата реторика од руска страна?

– Претпоставувам дека станува збор за реторика која се однесува на целокупната алијанса, значи алијансата како организација и дека притоа не се мисли на Република Македонија како специфична закана во рамки на таа Алијанса, бидејќи нашите ресурси се познати, големината на нашата армија е позната, големината на нашата држава и ресурсите со кои располагаме се познати. Апсурдно е да се тврди дека ние може да бидеме закана за кого било надвор од нашите граници, дури и да сакаме, а не сакаме.

Треба да знаете
Последни објави