Search

ВМРО-ДПМНЕ не го признава Законот за јазици, Мицкоски најавува протести

ВМРО-ДПМНЕ не го признава Законот за јазици, Мицкоски најавува протести

Талат Џафери ја узурпира функцијата претседател на Собрание на Република Македонија, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Шефот на опозицијата смета дека собранискиот спикер не ја заслужува фотелјата бидејќи не е достоинствен претседател на Собранието за сите граѓани во државата. Токму од оваа причина тие најавуваат интерпелација за спикерот Џафери по гласањето на Законот за употреба на јазиците.

„Има многу причини, најмалку пет причини во моментот има, иако моите соработници тврдат дека се повеќе од десет. Неговиот начин како го прекрши Деловникот, како ги прекрши законите и Уставот, при овој обид да биде донесе овој неуставен и неприменлив закон. Вториот чекор е нормално да се поднесе кривична пријава за сите кои што беа соучесници во овој процес но оној кој го почна овој процес“, порача Мицкоски.

Од ДУИ по најавите на Мицкоски дека ќе поднесат интерпелација за Џафери, одговорија дека опозицијата многу енергија губи во погрешна патека.

„ВМРО-ДПМНЕ наместо да губи енергија во погрешна патека преку искористување на меѓуетничките односи за мобилизација на своето членство, подобро е да се фокусираат на внатрешната дебата за тоа каде згрешија во своите политики со кои создадоа толкава одбивност кај етничките заедници но и кај пријателите на оваа држава. Таа дебата и лекциите од нејзе ќе им бидат од поголема корист за заживување на партијата отколку повторување на истите политики“, велат од ДУИ.

Ден по донесувањето на законот спикерот Џафери изјави дека во постапката не е прекршена ниту една одредба од Деловникот на Собранието, и вели дека Иванов нема избор освен да го потпише законот, бидејќи спротивно ќе го прекрши Уставот на Република Македонија.

„Повторното гласање мора да биде со мнозинство од вкупниот број на пратеници, што во овој случај, Законот го доби потребното мнозинство. Впрочем, Законот и претходно го доби потребното мнозинство, според нормите на Уставот, останува уставната обврска тоа да се спроведе“, додава Џафери.

Мицковски пак најавува дека ќе почне жестока битка за преземање на власта, почнувајќи со големи протести во мај. Тој вели дека неговата партија стои зад претседателот Иванов кој не го потпишува законот, што според нив е државничка постапка.

Треба да знаете
Последни објави