Search

Некаде жените преку штрајк го одбележуваат Денот на жената, а Македонките добиваат подароци и слават по кафеани

Осми март е денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

 

Денот на жената кај нас обично поминува вака: мажите купуваат по некое цвеќе и подарок за својата мајка и сопругата, жените одат на работа, се средуваат по фризери и одат на чајанки или излегуваат навечер. Мажите дента се потолерантни, па порано ги пуштаат од работа своите колешки. Во кафеаните маж навечер не може да се сретне, само женско друштво. Додека мнозинството слават по кафеани, дел од жените особено на социјалните мрежи остро се спротивставуваат на ваквиот начин на прослава.

– Јас сум мајка, го сакам 8 март, ама ми годи вниманието на тој ден и сакам да ми подаруваат, вели Иванка од Карпош.

Како и да е, денеска градот блесна во црвената боја, бојата на љубовта по што е препознатлив овој ден. Цвеќе, книга, накит се само дел од падороците кои македонските жени ги добија од најблиските.

Прв пат идејата за посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20 век, а на неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка и тоа секоја последна недела во февруари до 1913 година.

Идејата за интернационалниот ден на жената припаѓа на активистката од германското и меѓународно движење на работничката класа, Клара Цеткин. На 26-27 август во 1910 таа зборувала на интернационална конференција на жените кои работат во Копенхаген со предлог денот да се слави годишно на ист ден во различни земји. На 8 март од 1914 и тоа во Австрија, Данска, Германија, Холандија, Швајцарија, Русија, САД и други земји се одржувале протести за да се изрази солидарност со жените работнички од текстилните фабрики во САД, а дури на 28 ноември 1978 од Обединетите нации е предложено да се слави како интернационален Ден на жената, како ден на достигнувањата на жените, без разлика на националноста, етничките, јазичните, културните, економските и политичките разлики.

Како се слави празникот во другите земји од светот?

8 Март е неработен ден во сите земји на поранешниот Советски Сојуз освен Латвија, Литванија и Естонија. Празникот се слави во Монголија, Виетнам, Куба, Ангола, Буркина Фасо, Конго, Гвинеја-Бисау, Уганда, Лаос, Северна Кореја, Кина, Непал, Србија, Црна Гора, Замбија, Кирибати, Мадагаскар и други.

Денот на чествување на жената се славел и во Стариот Рим. Први март се сметал за ден за славење за мажените жени и на овој ден тие од своите сопрузи добивале подароци. Римските жени го посетувале храмот на божицата Веста, чувар на домот и здравјето. На робовите им било дозволено на овој ден да одморат, а добивале и подароци. 8 Март се слави во Виетнам уште од пред 2000 години за да им се оддаде почит на националните хероини – сестри, Чинг, предводнички на борбата против властите во Кина. Сега таму е признат како официјален празник.
Во некои земји жените добиваат цвеќе и подароци од мажите, а во други штрајкуваат и протестираат. Во Ирска се слави со штрајк, во Лондон се одржува мирен марш.

Во Италија жените се слободни да посетат музеи и знаменитости на земјата, а во Франција е нормален работен ден. Таму жените обично го слават денот на мајката што обично се слави во јуни. Во Германија, родното место на Клара Цеткин, 8 Март речиси и да не се спомнува. Во Источна Германија се уште се памети, но во западниот дел не се слави. Во Полска жените, мајките, колешките и сестрите се даруваат со цвеќе и слатки работи, а во Грција е нормален работен ден. Таму денот на жената е 8 Јануари, кога жените и мажите си ги менуваат улогите, мажите стануваат домаќини и ги гледаат децата, а жените одат по концерти и фестивали.

Треба да знаете
Последни објави