Search

Ревизијата открива: ДУИ за пола милион денари го надминала лимитот за донации за изборите

Во ревизијата за приходите и расходите на Демократската унија за интеграција за изборите во 2016 година се нагласува неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај.

Според пресметките на ревизорите, во периодот од 11 ноември 2016 година до 3 март 2017 година партијата на Али Ахмети добила донации од физички лица чиј поединечен износ го надминува законскиот лимит. Станува збор за сума од пола милион денари. „Парите не се префрлени во корист на буџетот на РМ што има за ефект финансирање на изборната кампања спротивно на одредбите од Изборниот законик и остварување помалку приходи во буџетот на Република Македонија“, напишале ревизорите за финансискиот извештај на ДУИ.

Државната ревизија ѝ препорачува на ДУИ во идните изборни процеси да обезбеди доследна примена на одредбите од Изборниот законик, во однос на максималниот износ што може да го прими како донација. Според Изборниот законик, изборната кампања може да се финансира од членарина, од донација од физички лица до 3000 евра и од донација од правни лица во максимален износ од 30.000 евра.

Во финансискиот извештај за ДУИ пишува и дека приходите од донации се прикажани за помалку од 150 илјади денари, бидејќи не била евидентирана донација од едно физичко лице. Ревизорите констатираат дека вкупните расходи се прикажани во помал износ од 4 милиони и 717 илјади денари поради неискажани расходи за користени рекламни услуги – билборди кои до периодот на затворање на трансакциската сметка не се наплатени. Ова е поради невоспоставената сметководствена евиденција на трансакциите од сметката за изборната кампања, поради што разликата меѓу вкупните приходи и вкупните расходи не е реално прикажана.

Вчера „Транспаренси интернешнл – Македонија“ објави дека на листата како донатори на ДУИ се јавуваат и државни претпријатија како „АД Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување корупција и Законот за финансирање на политичките партии. Државната комисија за спречување корупција оваа документација ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје.

Треба да знаете
Последни објави