Search

Ќосето падна, Град Скопје го отстрани од пред судска палата

Ќосето падна, Град Скопје го отстрани од пред судска палата

Како што беа поставувани спомениците од проектот „Скопје 2014″, под закрилата на ноќта, така синоќа беше и отстранет споменикот на Ќосето и однесен во магацините на Металскиот завод Тито. Работниците рекоа дека налогот за оваа операција бил издаден од град Скопје.

Сѐ уште нема официјална информација за одлуката за отстранување на споменикот и за тоа дали и каде ќе биде поставен.

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето беше поставен пред Врховниот суд во 2014 година како донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин за град Скопје. Ова здружение донираше уште четири споменици.

Кога се постави споменикот имаше реакции во јавноста за тоа кој е Ќосето, познат како ликвидаторот на ВМРО.

Работната група за анализа на проектот „Скопје 2014“ на Владата на Зоран Заев почна со разгледување на документациите на три споменици – Ќосето, Мајка Тереза и Воин на коњ.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски лани во ноември изјави дека има сериозни грешки во спроведувањето на процедурите и надлежностите. Културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку било злоупотребено, вели министерот за култура.

„Скулптуралната композиција која носи чуден наслов Мајка Тереза беше погрешно финансирана од програмата за културно наследство, иако таму нема никакво културно наследство. Исто така и спорните градби на Плаошник. Ние ќе го заштитиме вистинско културно наследство. Обезбедивме средства за Трескавец, обезбедивме за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство. Во таа смисла, „Скопје 2014“ е проект кој нема да дозволиме понатаму да се одвива или да ни влече финансиски средства“, рече Алаѓозовски.

На 3 ноември 2017 ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека сѐ што СДСМ ќе сруши и уништи од она што е создадено, веднаш по враќањето на власт ќе биде обновено и вратено таму каде што било и такво како што било и ќе биде покрената одговорност за секој кој сега ќе учествува во разни рушења, уништување или преместувања и слично.

koseto.sud.jpg

 

Треба да знаете
Последни објави