Search

Заев на работни средби со Меркел и Штајнмаер

Премиерот Заев со владина делегација престојува во официјална посета на Германија, каде предвидено е да одржи работни средби со канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев и канцеларката Меркел, по средбата ќе имаат заедничка прес-конференција на која ќе ги презентираат најважните прашања од нивните разговори од интерес на двете земји.

Во текот на денот, премиерот ќе оствари средба и со Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.

Во седиштето на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Заев ќе одржи свое обраќање на тема „Од предизвици до перспективи: демократски реформи и Евро-Атлантска интеграција на РМ“ а во дискусијата ќе се вклучат државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија, Михаил Рот и претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин, Курт Бек.

Претседателот на Владата, еднодневната официјална посета на Берлин ќе ја заврши со вечера ко-организирана од Аспен институтот во Германија, на која се поканети министерот за надворешни работи на СР Германија, Зигмар Габриел и пратеници од германскиот Бундестаг од различни партии, кои имаат интерес за Република Македонија, за Западен Балкан и ЕУ и за НАТО интеграциите на земјите од регионот.

Инаку, Заев во посетата на Германија е придружуван од висока владина делегација составена од Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседател на Владата и министер за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Треба да знаете
Последни објави