Search

Словенечките командоси доживеале дебакл за време на НАТО вежба

Минатонеделната неуспешна вежба на елитниот баталјон на словенечката армија за оспособување во согласност со НАТО-стандардите крена многу прав во Словенија, а дел од медиумите во таа земја пренесуваат дека тоа што можело да се види повеќе наликувало на шега отколку на воена вежба.

Проблеми во комуникацијата со Генералштабот и некои генерали потврдила и министерката Андреја Катиќ, која истакнала дека најпрво од медиумите ги дознала деталите за резултатите од вежбата на баталјонот од Марибор, кој учествувал во проверка на борбената подготвеност на копнените сили на НАТО-алијансата.

За минатонеделната вежба биле избрани околу 800 најдобри словенечки војници кои на полигонот Почек кај Постојна требало да добијат оценки за капацитетите и способноста, но се покажало дека до 1 април нема да може да бидат оспособени за оперативно дејствување, пренесува словенечката телевизија.

„Она што сојузниците го видоа во Почек повеќе личеше на првоаприлска шега. Војниците не маневрираа добро во просторот, а опремата обезбедена од министерството се покажа како лоша. Од чизмите испаѓаа ѓонови, а многу војници побараа помош од медицинската служба и лекарите поради смрзнатини“, објавија словенечките медиуми.

Се покажало дека нема никаква можност Словенија до 2022 година да формира баталјон подготвен за борба со ново оружје и оклопни возила, а според пишувањата во словенечките медиуми, во прашање би можело да биде доведено и словенечкото учество во мировните мисии.

Треба да знаете
Последни објави