Search

Погледнете како беше уапсен напаѓачот на училиштето во САД: Сенаторот тврди – има многу мртви!

 

Според последните информации, две лица го загубија животот а од 20 до 50 се повредени во вооружениот напад кој што синоќа се случи во средното училиште на Флорида.

Американските медиуми објавија видео од апсењето на лицето кое што го изврши нападот во средното училиште во градот Паркленд во сојузната американска држава Флорида. На снимката подолу може да се види како на маж во црвена маица полицијата му става лисици на рацете.

Непосредно потоа, од полицијата потврдија дека напаѓачот е фатен и притворен, но дека истрагата продолжува.

Според неофицијални информации, напаѓачот бил ученик на тоа училиште, а од порано меѓу учениците бил познат како „проблематичен дечко кој што сакал да си игра со оружје“.

Од друга страна, сенаторот од Флорида, Бил Нелсон ја загрижи нацијата откако во разговор за “Fox News” истакна дека има „многу мртви“. Неговите зборови нешто подоцна ги потврди и Роберт Ранси, надзорник на повеќе училишта во таа област во американската сојузна држава Флорида.

„Мои молитви и сочувство до семејствата на жртвите од ужасниот вооружен напад на Флорида. Ниту едно дете, учител или било кој друг, никогаш не смее да се почувствува небезбедно во американско училиште“, напиша Доналд Трамп на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ после нападот.

Да потсетиме, вооружениот напад се случил во средното училиште „Стоунмен Даглас“ и тоа само неколку минути пред крајот на наставата, во околу 14:50 часот по локално време. Во училиштето оваа учебна година биле запишани околу 2 илјади ученици.

Родителите на учениците откако дознале за инцидентот, се обиделе да влезат во училиштето, но полицијата не им го дозволила тоа.

Треба да знаете
Последни објави