Search

Груевски „побара“ канцеларија и плата во судот

Груевски „побара“ канцеларија и плата во судот

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска од Судскиот совет на скопска единица побара да се донесе формално решение во однос на одбиеното барање и 13 од вкупно 315 снимки да не бидат доказ во постапката „Траекторија“, затоа што веќе се објавени во јавноста. Со ова Груевски алудираше на случајот во предметот каде осомничен е Зоран Заев, а познат во јавноста како случајот „Поткуп“.

– Бараме еднаков третман како оној што му се дава од оовој суд на Заев – рече Груевски.

Тој побара одбраната да добие и копија од прислушуваните разговори. Груевски нагласи дека разбира дека судот работи под политички притисок, но сепак бара да суди според законот и онака како што пишува во него.

Ова го истакна во контекст на приговорот на адвокат на одбраната кој рече дека ЦД со записниците од рочиштата не им се даваат на време односно до три дена и во однос на одбиеното барање судот да отфрли две вештачења бидејќи се изработени од вештаци со истечени лиценци, и од фирма која е странска подружница што било спротивно на македонските закони.

На приговорите на Груевски, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека тој го читал од својот мобилен телефон предлогот на неговиот адвокат кој судот веќе го одбил. Таа рече дека повеќе нема да се произнесува по предлози и приговори кои се повторуваат и побара од судот да им го одземе зборот на адвокатите ако повторно даваат исти предлози.

Судијата Бошевски на барање на адвокатите рече дека лесно за еден ден може да им овозможи услови во судот да ги слушаат „бомбите“ и да направат препис, на што Груевски неколку пати приговори дека бараат да добијат и копија од нив.

Следното рочиште е закажано за 1 март за кога е најавено судот да ги соопшти и одлуките во однос на приговорите и предлозите од двете страни.

По денешниот процес, Груевски рече дека судството се претвора во политичка гиљотина. Тој наведе дека за сите рочишта против него впечатливо било дека немаат ист третман и дека на секое рочиште се борат за права кои што им следуваат по закон. Друго на што се пожали тој е нееднаквиот третман на судот кон обвинителството, одбраната и обвинетите.

– Кон обвинителите се однесуваат со почит, спокојно, а кон одбрана и обвинетите односот е нервозен, со што судот како да дава до знаење на чија страна е – рече експремиерот.

На пресот по процесот Груевски на шега рече дека во судот доаѓа толку често што треба да му дадат канцеларија и плата.

Треба да знаете
Последни објави