Search

ДОНАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ И ГРАД СКОПЈЕ ЗА ДЕТСКАТА БОЛНИЦА – КОЗЛЕ

ДОНАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ И ГРАД СКОПЈЕ ЗА ДЕТСКАТА БОЛНИЦА – КОЗЛЕ

Дванаесетканален апарат ЕКГ, монитори за контрола на одредени параметри за следење на состојбата на тешко болните деца и перфузор за давање прецизна терапија доби денеска Детската болница Козле.

Медицинските апарати се во вредност од 10 илјади евра и се донација реализирана со пренамена на средства на Македонски телеком и Град Скопје планирани за пречекот на Новата година.

Директорот на Детската болница Козле, Ангелчо Андоновски се заблагодари за донацијата и посочи дека станува збор за дијагностика која им е неопходна. Потенцира дека болницата постои од 1965 година и во неа освен белодробни заболувања се третираат и други патологии.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека апаратите кои се донирани ќе го забрзаат процесот на дијагностицирање и ќе го намалат периодот на чекање за добивање квалитетна и соодветна дијагноза на болните деца.

Тој посочи дека болницата за белодробни заболувања е установа од посебен вид и карактер, бидејќи е единствена не само во Скопје, туку и во Република Македонија.

– Тука има пациенти од цела Македонија и сметавме дека е едно од најсоодветните места каде ќе можеме да ја намениме нашата донација. Грижата за здравјето на граѓаните, грижата за здравјето на децата е наш приоритет. Се надевам дека соработката што ја имаме со донаторот ќе ја продолжиме и во иднина во функција на подобрување на условите и квалитетот во различни сегменти во нашето општество – додаде Шилегов.

Главниот извршен директор на Македонски телеком, Андреас Елснер рече дека со донираните медицински апарати кои ќе се подобри здравјето и квалитетот на живот на децата.

Одговарајќи на новинарско прашање Андоновски рече дека постојано имаат потреба од нова апаратура.

– Стотина пациенти доаѓаат на преглед, но тоа не значи дека сите се хоспитализирани. Кога станува збор за горно и долно респираторни инфекции на дишните патишта ние третираме таква патологија. Се работат и ларингити, бронхиолити и тешки пневмонии кај дечињата, а има и центар за бронхоскопија. Капациентот на болницата постојано се полни и постојано се празни – посочи Андоновски.

Тој појасни дека во сезоната на грипот продожува до крајот на март, пикот е постојан, а најчесто хоспитализирани се деца со компликации кога станува збор за пневмонии. Во моментов, нагласи, имаме 86 хоспитализирани.

Во однос на кадарот рече дека направиле систематизација, информирано е Министерството за здравство и очекуваат во секој момент да им бидат одобрени одреден број вработувања, кои ќе го надополнат кадарот.

– Недостасува главно сестринскиот кадар. Имаме потреба од 20 медицински сестри – додаде Андоновски.

Треба да знаете
Последни објави