Search

Скопјанка ветувала вработувања во Министерството за здравство за 150.000 денари

Скопјанка ветувала вработувања во Министерството за здравство за 150.000 денари

МВР до Основното јавното обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Е.С.(36), поради наводи дека од јуни до август минатата година ветувала вработувања на повеќе лица, за што земала паричен надомест во изност од околу 150.000 денари.

Е.С.,лажно повикувајќи се на лица на високи позиции во Министерството за здравство на Република Македонија, ги довела во заблуда оштетените, ветувајќи им дека со нејзина помош за краток временски период ќе бидат вработени во Министерството за здравство.

За услугите, таа во повеќе наврати им барала од 12.000 до 24.000 денари со изговор дека парите и биле потребни за трошоци околу набавка на потребна документација за вработување, односно за систематски и психолошки прегледи.

Сите ги измамила на идентичен начин – им ветувала дека ќе ги вработи во Министерството како преведувач од англиски на македонски јазик, референт во Министерството, потоа како медицинска сестра во Одделот за максилофасцијална хирургија или како акушерка, и во еден случај ветила работно место – лаборант во Одделението за трансфузиологија.

Откако луѓето сфатиле дека станува збор за измама, случаите ги пријавиле во полициска станица.

Е.С. е повикана на разговор во полициска станица бидејќи постојат основи за сомнение за сторени четири кривични дела за измама, кои се казниви по член 247 од Кривичниот законик на Република Македонија, информира МВР.

Таа ги признала кривичните дела, по што им ги вратила сите пари. 

 

Треба да знаете
Последни објави