Search

СУДСКИ РОЧИШТА ЗА Т.Н.Т, ТРУСТ И ТОТАЛ

 

Во Кривичниот суд за денеска се закажани судски рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Т.Н.Т“, „Труст“ и „Тотал“.

Во случајот „ТНТ“, што се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски, обвинети се седум лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Обвинетите на минатото рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Според СЈО, обвинетите во 2011 сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски.

Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци.

Според Обвинителството, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Апелацискиот суд на 4 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори во случајот „ТНТ“ да можат да се користат како докази во судската постапка.

На обвинителна клупа денеска во Кривичниот суд ќе седне и новинарот Драган Павловски-Латас во врска со предметот на СЈО „Тотал. Тој е осомничен за даночно затајување како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и конслатинг услуги „Тотал“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал Медиа Центар“ ДООЕЛ Скопје.

Осомничениот се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а осомничениот за 63 илјади евра.

Во скопска единица денеска треба да се одржи рочиште и за предметот „Труст“ на СЈО, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Обвинителите од СЈО ги изведоа пред Судот сите докази, вклучително и бомбите, кои беа први аудио-материјали пуштени во судницата. На ред се доказите на одбраната по што се очекуваат завршните зборови и пресудата.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

Треба да знаете
Последни објави