Search

Тајниот живот на британскиот убиец кој минал 23 години во бегство: Се криел на Балканот, а служел и војска во БиХ

 

Британецот кого полицијата 23 години го барала поради убиство, служел војска во БиХ, а едно време наводно живеел и во Хрватска.

Џастин Кларк цели 23 години ја избегнувал правдата, откако во 1993. година во Англија го убил дилерот Пол Милбурн. Додека бил во бегство, Кларк работел на Блискиот исток, па дури и служел во Босанската Војска. Во војската бил толку долго што дури и се квалификувал за пензија, дознава британски “Mirror”. Денес, поренешниот 62-годишен домар е конечно во затвор. Откако бил фатен во 2016. година, оваа недела бил осуден на доживотна казна затвор. Полицијата го пронашла и уапсила во Берлин, откако откриле дека и натаму одржува контакт со семејството и пријателите во Британија. 

“Не знаеме колку точно живеел во Берлин”, рекла полициската инспекторка Џастин Џенкинс. “Знаеме дека служел како војник во војската на Босна и Херцеговина додека бил млад, дури и толку долго што стекнал услови за пензија. Мислиме дека во време на бегството престојувал во неколку земји, а одредено време бил и вработен како градежен работник во Катар”, додала таа.

Пред убиството, Кларк работел како вратар во Мерсисајд и служел во Легијата на странци. Се преселил на југот на Англија кон крајот на 70-тите години и се оженил со адвокатка, а потоа и самиот почнал да студира право. Обвинителите велат дека на почетокот на 90-тите Кларк смислил итар план како да изигра локален дилер на дрога. Кларк и неговите соработници направиле девет лажни “цигли” канабис. Го контактирале 43-годишниот Милбурн, инаку познат дилер, и договориле продажба на 20.000 фунти вредна дрога во градот Сент Албанс во 1993. година.

Но, продажбата тргнала на лошо, и Кларк извлекол американски војнички пиштол и го убил Милбурн преку прозорот на неговиот автомобил. “Побегнал од местото на убиството и ја избегнувал правдата се до 2016. година”, рекол обвинителот Кристофер Донелан на овонеделното судење во текот на кое на Кларк му била изречена пресудата.

Обвинителите рекле дека Кларк во текот на годините на бегство користел лажни документи и лажни идентитети. Инспекторите дошле во посед на преписки кои сугерираат дека Кларк едно време живеел во Хрватска, но не е познато каде точно. Од Хрватска со помош на лажен пасош одлетал за Блискиот исток. Во Босна и Херцеговина никогаш не бил проследен налогот за апсење, па затоа во таа држава не знаеле дека Кларк е бегалец.

Кларк во вторникот бил осуден на судот во Вулвич, југоисточен Лондон, но не се појавил на изрекувањето на пресудата. Се наоѓал во својата ќелија во затворот Белмарш. Остатокот од животот ќе го мине зад решетки.

Треба да знаете
Последни објави