Search

Столтенберг: Македонија ќе стане членка на НАТО по решавањето на спорот за името

Столтенберг: Македонија ќе стане членка на НАТО по решавањето на спорот за името

НАТО ќе испрати покана за пристапување на Република Македонија во Северноатлантскиот сојуз кога ќе постигне спогодба за спорот за името. Ова го изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред белградското издание на „Политика“.

„Многу се радувам што месецов го посетив Скопје. Продолжуваме да ја поддржуваме земјата на патот на нејзиното пристапување кон НАТО и искрено сакаме да успее. Ова е во согласност со одлуката од самитот во Букурешт од 2008 година, што значи дека сојузниците се согласуваат НАТО да испрати покана за членство на Скопје во алијансата по постигнувањето заедничко решение за спорот за името во рамките на Обединетите нации. Неодамна видовме позитивен импулс за ова прашање“, рече Столтенберг.

Додаде дека по формирањето на новата Влада на Зоран Заев бил забележан обид за реформи, при што тој ја охрабрува Владата да продолжи со реформите што ќе ги зајакнат судството и демократските институции. Столтенберг вели дека сите политички партии треба да бидат вклучени во отворен и конструктивен дијалог.

Според него, Балканот е од стратешко значење за НАТО.

„Остануваме целосно посветени, а тоа помага за стабилноста во регионот. Ние ја гледаме иднината на овој регион во евро-атлантските сојузи на оние што сакаат да се приклучат. Секој народ има право сам да одлучува за својата иднина и сам да ги избира политичките мерки и мерките за безбедност, што е основен принцип на европската безбедност – овој принцип беше потпишан и од самата Русија и таа треба да го почитува. Проширувањето на НАТО не е против Русија“, вели уште Столтенберг. Генералниот секретар појаснува дека две земји од Западен Балкан сакаат да се приклучат на пактот.

„НАТО ги поддржува овие аспирации и се здружи со пријателите во Скопје и Сараево за да им помогне на патот кон членството во НАТО“, додаде тој.

 

Треба да знаете
Последни објави