Search

МО и АРМ рентаат хеликоптери за 3.250 евра на час, офицер за 2.000 денари

МО и АРМ рентаат хеликоптери за 3.250 евра на час, офицер за 2.000 денари

Ако во вашиот живот ви недостига летање со хеликоптер, војничко гравче или воен оркестар, тогаш Армијата на Република Македонија со одобрение на Министерството за одбрана нуди остварување на тие желби.

За овие услуги граѓаните се информираа пред две недели кога министерката за одбрана Радмила Шекеринска во рамките на транспарентноста на Министерството ги објави на веб страницата кои се во согласност со Правилникот за утврдување на надоместокот на услугите, а кој, од она што може да се види, прв пат е донесен во 2012 и со поголеми измени во 2014 година.

Правилникот вели дека хеликоптери на АРМ можат да ги изнајмат сите правни или физички лица и за 3.250 евра за еден час да летаат над територијата на Македонија. Досега оваа услуга била искористена за пренос на елементи за изградба на жичница до планината Кожув, а со транспортниот хеликоптер МИ-8/18 биле пренесени контејнери за потребите на приватна компанија.
 

Но, не е само тоа, АРМ во услугите за „авантуристите“ и љубителите на оружје ги нуди своите воени капацитети за сите, како што е наведено во Правилникот, заинтересирани домашни правни и физички лица и странски војски.

Доколку сакате да го искористите армискиот полигон „Криволак“, а притоа да извршите обука, сакако за таа обука можете да ангажирате и армиски офицер, тоа ќе ве чини одредена сума. Ако вашата желба е со армиски хеликоптер да пристигнете на кампот „Стрела“ на Кривилак кој е еден од поевтините сместувачки капацитети бидеји се престојува во контејнери тоа ќе ве чини 300 денари по лице и плус за хеликоптерот.

Секако за да ги испробате вашите стрелачки способности „Криволак“ ги нуди стрелиштата за гаѓање на цели на земја со атилериско ракетно оружје, за цели во воздух, за артилериски бојни гаѓања, опитни гаѓања, стрелиште куќа за гаѓање „Волк“, а за тоа задоволство ќе треба да се издвојат 2.500 евра за еден ден или 10.000 денари за еден час. Истата цена е и за стрелиштата за гаѓање со пешадиско вооружување, „Шкорпија“, „Брест“ и „Слатина“. Поевтина варијанта МО нуди на стрелиштата во гарнизоните во државава каде еден час чини 1.000 денари. По напорната обука АРМ не би била таа доколку не го понуди познатото војничко или друго мени. Таа услуга е една од најевтините и за целодневен оброк ќе ве чини 360 денари. Војската ја изнајмува и кујната со трпезаријата и куварите, што тоа во „Стрела“ чини 28.000 денари дневно.

На Криволак стрелиштата се наоѓаат на различни страни па затоа може да се изнајми и борбено возило, а во меѓувреме да се направи и пауза во еден воен шатор кој може да биде и команден и опремен со полска столица и маса. Теренското возило за еден ден со возач чини 3.600 денари, шаторот 3.000, а столицата и масата по 100 денари. Армијата во понудата има повеќе видови куршуми и гранати кои ги наплаќа по цената која ги набавува и плус 10 проценти од таа, како што наведуваат, за манипулативни трошоци.

За „не дај Боже“ обезбеден е и медицински тим кој дневно ќе чини 200 евра, а доколку авантурата е во лето за секој случај противпожарната единица со седум лица и петтонски камион е достапна за 27.000 денари. Најинтересна од сите услуги е ангажирањето офицер, подофицер и професионален војник за цена од 2.000, 1.800 и 1.200 денари. По напорниот ден, после вечерата, за опуштање можете да го најмите воениот оркестар кој до Криволак за вас ќе дојде за 10.000 денари.

За оваа авантура да се реализира, односно кој се може да ги користи армиските услуги, од Министерството за одбрана ни одговорија дека користењето на капацитетите на АРМ се врши согласно следната процедура: Се доставува барање до Министерството за одбрана при што следува координација со Генералштабот на АРМ. За капацитетите на АРМ, велат од МО, неопходно се прави безбедносна проверка.

Од информацијата на АРМ за користење на позначајните капацитети од Правилникот што претежно се од воен карактер, армискиот полигон Криволак за изнајмување е искористен од повеќе војски. Француски контингент во мисијата КФОР во Косово во 2004 година го искористиле стрелиштето „Шкорпија“ со дводневно сместување во логорот „Зима-2“ додека сместувачките капацитети „Пепелиште“ и полигоните за обука биле искористени од Дирекцијата за заштита и спасување за време на вежбата „Медекс 2017. Криволак во повеќе наврати е искористен во редовните годишни билатерални вежби со армиите на САД, со Армиите на земјите членки на А-5, како и меѓународните вежби „Медкјур 2011“ и вежбовниот циклус „Предизвик“ со армијата на Република Словенија, се врз основа на склучени меморандуми за соработка.

Стрелиштата на АП Криволак и останатите гарнизони, според евиденцијата на војската, од надворешни субјекти најчесто ги користат единиците на МВР, Сојузот на резервни воени старешини (СРВС) и стрелачката федерација на Република Македонија (ССРМ). Воениот оркестар од баталјонот за почести на АРМ согласно новиот Правилник бил ангажиран минатата година за учество во прославата на Денот на безбедноста за потребите на МВР. Претходните ангажирања биле согласно плановите на МО и АРМ за цивилно воена соработка. Војниците до сега биле ангажирани повеќе пати меѓу другото и за разминирање на неексплодирани направи за потребите на ДЗС за деактивирање на неексплодирана експлозивна направа во Штип.

Капацитетите на АРМ, според правилникот можат да бидат и поисплатливи доколку корисниците донираат услуги или материјално-технички средства во висина на надоместокот или кога министерот за одбрана, на предлог на началникот на Генералштабот, ќе донесе Решение за ослободување од надоместок. Во пракса, ослободување од надоместок се врши кога станува збор за барања од непрофитни организации (хуманитарни концерти, Црвен крст, Здружение на пензионери, Сојуз на борци од НОБ, Студентски парламент на УКИМ и слично).

Министерството во понудата ги има и угостителските објекти кои се во нивна надлежност, како што се Домот на АРМ, хотелот „Шар“ на Попова Шапка и автокамповите во Дојран и во Охрид. За нивно користење се доставува барање кое е поставено на веб-страницата, во Министерството за одбрана – Сектор за услуги, туризам, возен парк, одржување и обезбедување, по што се утврдува дали истото може да се реализира во зависност од побараниот термин.

Оваа сезона во капацитетот на Шапка услугата ја искористиле 74 лица, од кои 50 вработени во АРМ и МО и 24 надворешни лица. Во автокампот „Васко Карангелески“ кој е сместен во комплексот „Св.Наум“ на брегот на Охридското езеро, летната туристичка сезона лани ја искористиле вкупно 736 гости, а во Дојран престојувале 28 лица. Домот на АРМ со сиот свој капацитет во кој се организираат различни видови на активности – обуки, семинари, работни состаноци и ручеци, форуми, симпозиуми, трибини, предавања, обуки, музејски поставки, изложби, концерти, драмски, театарски и филмски претстави… минатата година го користеле 31 субјект со надомест и 52 без надомест. 

 

Треба да знаете
Последни објави