Search

Заев на Водици во Струга

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е оптимист и верува оти ќе биде изнајдено решение за спорот за името кое ќе биде достоинствено и за Македонија и за Грција. Тој потврди дека веќе е договорена средба со неговиот грчки колега Алeксис Ципрас на 24 јануари во Давос.

„Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји“, изјави Заев во Струга каде престојуваше по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

Тој истакна дека не би требало јавно да се зборува за рамката што е испорачана од посредникот во преговорите Метју Нимиц, за да не се уништат шансите во преговорите.

„Се води транспарентен процес, сакаме национален консензус, да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна, ќе најдеме решение за ова прашање што нè измачува 25 години“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

Премиерот апелираше до граѓаните и до медиумите да имаат трпение околу ова прашање.

„Сè што ќе правиме ќе биде проверено на референдум. И ние, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ, и другите политички партии, имаме или исти или приближни ставови по тоа прашањe. Ќе водиме грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме да водиме грижа и за сегашните и за идните генерации“, рече Заев.

Околу одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да не го потпише Законот за употреба на јазиците, Заев рече дека сè што е донесено во Законот е во согласност со членот 5 од Уставот и дека доколку нешто не е во ред постои Уставниот суд.

„Вредно е да се заложиме за едно опшество за сите, Македонија е мајка на сите граѓани, треба да подадеме рака, да имаме доверба во институциите. Доколку нешто не е согласно Уставот, постои Уставен суд, ќе се произнесе со мислење и Венецијанската комисија“, рече Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес присуствуваше на чествувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Струга.

Поздравувајќи ги присутните граѓани и претставниците на медиумите премиерот рече:

„Дозволете ми да ја споделам радоста и честа да бидам денеска тука, во Струга, на денот кога водите на Охридското Езеро и на реката Црн Дрим се преобразуваат во свети води за да не потсетат на денот кога Исус Христос се крштеваше во светите води на реката Јордан. Овој ден, празникот Богојавление Водици не потсетува и на тоа дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди. Благородната порака на овој празник исполнува и со оптимизам, дека надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото никогаш не згаснува“, истакна Заев во своето обраќање.

Тој, меѓудругото, упати и честитки за среќниот граѓанин кој успеа да го фати крстот, посакувајќи му да го следи среќа и добрина низ целата година.

Одговарајќи на новинарско прашање за впечатоците од чествувањето на празникот во мултиетничка Струга, премиерот Заев рече дека стружани со благопријатните насмевки и гостопримството покажуваат дека секој е добредојден во нивниот град.

„Знаете, како градоначалник пред се на Струмица, но и како политичар во нашата цела Македонија, ја имам денеска честа прв пат за Водици да бидам во Струга. Оваа прекрасна глетка која ме плени со погледот на Охридското Езеро, овде е незаменлива. Како Струга нема друга. Дефинитивно посакувам се повеќе граѓани да го посетуваат ова наше прекрасно македонско катче, за да се развие туризмот, а секако стружани покажуваат и со соживотот, и со благопријатните насмевки и со гостопримството дека секој е добредојден овде во Струга“.

Треба да знаете
Последни објави