Search

Бизнисмените бараат Владата да реагира на нивните иницијативи

Бизнисмените бараат Владата брзо да реагира на нивните иницијативи

Владата да ја забрза имплементација на иницијативите на бизнисмените, побара денека Стопанската комора.

Оценка на Комората е дека постои силна волја од Владата за соработка со бизнис секторот и партнерството е веќе воспоставено, но сепак е потребна ефикасност во процесот на донесување на законските измени кои се однесуваат на бизнисите.

– Има реални потреби за подобрување на комуникацијата, не само на највисоко ниво, туку на оперативно ниво (со министерствата и со другите органи на управата), што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и намалување на административните бариери, бидејќи без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата – рече директорката во Стопанска комора, Елена Милевска Штрбевска.

Таа информира дека од јуни до крајот на 2017 година, Комората поднела 19 иницијативи до Владата. Сите се прифатени и во тек на реализација, но само една е завршена.

– Сите институции реагираат, но по природата на нештата најмногу одговори очекуваме од министерствата за економија и за финансии. Имеме комуникација но наша работа е да предочуваме навреме и затоа укажуваме дека е неопходно побрзо делување на надлежните министерства за донесување законски решенија по основа на иницијативите поднесени од бизнисите – додаде Милевска Штрбевска.

Иницијативите кои ги предложиле бизнисмените главно се однесуваат на законски измени кои би го олесниле работењето на компаниите, а клучни меѓу нив се оние кои се однесуваат на даночниот режим, измените на законот за ДДВ во однос на трансферот на пари, потоа законите за нотаријат и извршители, како и законите за трговија, градежништво и законот за индустриски емисии.

За дел од нив, како што беше речено на прес-конференцијата, се бара внимателност при имплементацијата на европските стандарди во услови кога технологијата на процесот на производството во компаниите не може да го реализира тоа.

Од Комората очекуваат дел од иницијативите да бидат завршени наредните месеци.

Оценка на Комората на владиниот План за економски раст е дека генерално ги содржи мерките предложени од компаниите.

-Планот за економски раст, дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски раст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, како и зголемување на извозните потенцијали на македонското стопанство. Но очекуваме мерките побрзо да се операционализираат во практиката – рече Милевска Штрбевска.

Од Комората велат дека освен анализата која ќе ја прават на имплементирањето на нивните иницијативи, на секои три месеци од Влатата очекуваат анализа и пресек на реализацијата на капиталните инвестиции.

 

Треба да знаете
Последни објави