Search

Мицкоски: Насилството во Собранието беше најголема штета за интересите на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Насилството во Собранието беше најголема штета за интересите на ВМРО-ДПМНЕ

Најголемата штета на интересите беше насилството кое се случи во парламентот и ние тоа досега го имаме осудено неколку пати. Но, исто така, ја имаме осудено и акцијата која ја предизвика оваа реакција а тоа е начинот на кој беше избран претседателот на Собранието, рече новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на МРТ.

Сепак, тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за амнестија до Собранието, но дали ќе бараат амнестија за сите или од неа ќе бидат исклучени оние кои беа директни извршители на насилството, засега Мицкоски не открива.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието, новиот претседател не даде одговор.

Во интервјуто тој најави дека со измена на статутот на партијата, ќе предложи и формирање на две нови тела, совет на претседателот и совет на извршниот комитет во кој ќе членуваат луѓе од академската заедница, од општествениот живот и кои ќе учествуваат во работата на извршниот комитет во советодавна функција. Како што најави, ќе има поместувања во Извршниот комитет со нови, но и со имиња со политичко минато, а кои првин ќе бидат презентирани пред централниот комитет на партијата.

Мицкоски вели дека има одлична соработка со сите пратеници и оти со нив има редовни координации, на кои, како што вели, најчесто е присутен и Илија Димовски, кој се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Ѓорчев кој е поставен за нов координатор, според Мицкоски, е времено решение поради динамиката на неговите други активности, а по конституирањето на новите партиски тела ќе биде поставен нов координатор.

Мицкоски одговараше и на прашања за името и договорот со Бугарија, за што рече, дека ВМРО-ДПМНЕ не покажала мекост како што ја критикуваат некои, туку внимателност.

Како опозиција, тој рече дека тие се спремни да подадат рака на власта и преку конструктивност да работат за доброто на граѓаните, да се борат со аргументи и да ги поддржат оние аргументи кои ќе донесат подобар живот.

За односите со власта, тој рече дека е потребно единство за заштита на националните интереси, како и помирување бидејќи на луѓето им е преку глава од лоши вести и зла крв.

Треба да знаете
Последни објави