Search

Премиерот Заев на средба со Здружението на приватни стопанственици од индустриската зона Визбегово

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со претставници на Здружението на приватни стопанственици од индустриската зона Визбегово-Стенковец.

Работниот состанок на кој присуствуваа и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, како и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Бутел, Петар Шилегов и Велимир Смилевски, беше целосно посветен на отворените прашања кои треба да бидат решени за да отпочне изградбата на автопатот Блаце – Скопје, како и делницата од клучката кај обиколницата пред влезот во индустриската зона Визбегово, која до крстосницата со булеварот „Словенија“, која треба да биде изградена како експресен пат.

Во насока на целосно разбирање и на прифаќање на отворените прашања што ги засегаат стопанствениците, договорено е за новиот екпресен пат да биде подготвен нов проект кој на најмал можен начин ќе влијае на одредени отстапки на имотните парцели на стопанствениците што имаат објекти долж делницата.

Заради безбедносни и други инфраструктурни потреби, договорено е општините Бутел, Карпош и Чучер Сандево, низ кои поминува делницата, или ќе бидат вклучени со другите сервисни патишта и придружна инфраструктурна содржина, во најкус можен рок да пристапат кон изработка детални урбанистички планови, или да подготват измени и дополнувања на веќе постоечките.

Овие интервенции во ДУП-овите на општините, и делумно и на градот Скопје, се неопходни за да се обезбеди законска и врз основа на план, подготовка и реализација на новиот проект за делницата од клучката на обиколницата, низ зоната Визбегово, до улицата „Словенија“.

На состанокот е договорено дека сите овие подготвителни интервенции ќе бидат спроведени со целосна поддршка на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски, и во координација со Градот Скопје.

Забрзувањето на работите за реализација на автопатското решение од Косово кон Македонија, како и за изградба на експресниот пат, како стратешки инфраструктурни проекти, е од огромно значење за домашните компании кои веќе работат во зоната Визбегово-Стенковец, како и за оние кои покажуваат голем интерес да изградат стопански објекти во оваа зона.  

Треба да знаете
Последни објави