Search

Алијансата на Села одлучува дали ќе ја напушти владината коалиција

Алијансата на Албанците на Зијадин Села пред конечна одлука дали ќе остане во владината коалиција на Зоран Заев. Централното Собрание на партијата со часови не може да пресече дали ќе има министер во Владата или пак, ќе замине во опозиција. Од друга страна, извори од партија велат дека дури и без министерско место двајцата пратеници на Алијансата, Села и Сурија Рашиди веројатно ќе гласаат за владините реформи кои се дел од евроинтеграциските процеси.

Села во четвртокот го одби вицепремиерскотот место за реформи  и на средбата со Заев инсистирал повторно да го добие назад министерството за здрваство. Заев претходно му го одзеде овој ресор на Села со тоа што го предложи Венко Филипче за министер за здравство.

Пред почетокот на Централното Собрание во Гостивар како реакција на ставовите на Заев дека Алијансата го држела овој ресор поради Арбен Таравари, а не поради партијата, Таравари на Фејсбук напиша: 

„Заев кажа дека Министерство за здравство е дадено на Алијансата поради мене како личност. Кога го слушнав ова првпат, ми дојде многу жал за него…

Сигурно е дека ова министерство и е дадено на Алијансата бидејќи без оваа партија немаше да има Влада. Се сеќавате ли како дојде до ова? Беше тоа време кога во Парламентот крвареше Зијадин Села и без никаков сомнеж јас бев избран од Алијансата да го водам Министерството за здравство“.

Независно од одлуката на Села, утре во Собранието ќе се гласаат новите министри и заменици кои вчера ги предложи Заев. Освен Филипче во здрваство, министер без ресор за правата на Ромите ќе стане Аксел Ахмедовски. Заменик министер за образование ќе биде Арбр Адеми од ДУИ, додека пак за земјоделие Благе Цветковиќ.  Нема предлог за министер без ресор за странски инвестиции кое го држеше Рамис Мерку од ДУИ. 

Од СДСМ и ДУИ се децидни дека ќе имаат мнозјнство со 61 пратеник и без двајцата пратнеици на Села. Дополнително, од двете партии неофцијално потврдуваат дека имаат сигурен глас плус и од Чедомир Саздовски.

Треба да знаете
Последни објави