Search

Турција домаќин на Самит против одлуката на Трамп за Ерусалим

Дваесет и двајца исламски лидери се собраа на Самит во Истанбул, како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.

Средбата доаѓа во време кога продолжуваат немирите на Блискиот Исток и кога расте критиката за одлуката во врска со Ерусалим.

Собирот е под покровителство на Организацијата на исламската конференција (ОИК) која е составена од 57 нации. Турција моментно претседава со ОИК, а итниот Самит беше свикан од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Ги поканувам земјите кои го ценат меѓународното право и правдата да го признаат окупираниот Ерусалим како главен град на Палестина“ рече Ердоган на почетокот на Самитот. Палестинскиот претседател Махмуд Абас, јорданскиот крал Абдула Втори, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, претседателот на Бангладеш, Абдул Хамид и иранскиот претседател Хасан Рухани се меѓу шефовите на држави и влади кои учествуваат на Самитот. Египет и Саудиска Арабија заедно со 23 други земји, ќе бидат претставени на министерско ниво.

Најострите критики дојдоа од страна на Абас кој рече дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим како главен град на еврејската држава е „криминал“ и рече дека Палестинците „од сега па натаму“ нема да ја прифатат улогата на САД во мировниот процес.

Денес сме тука да кажеме: „Ерусалим бил, се` уште е и секогаш ќе биде главен град на државата Палестина“, рече Абас.

Иако постои критика за одлуката на Трамп, остануваат прашањата дали реакцијата на овој потег може да ги надмине политичките поделби во рамки на исламскиот свет, особено меѓу арапските лидери.

„Арапскиот свет не може да заземе заеднички став без согласност на Саудиска Арабија или Египет“, вели колумнистот на дневниот весник Хуриет, Барчин Јинанк. „На саудиското кралско семејство, како и на воениот лидер на Египет Абдел Фатах ел Сиси, им треба американска поддршка за одржување на власта, како и поддршката за да се спротивстават на Иран за кој тие сметаат дека напредува во доминацијата на Ирак и Сирија“, рече Јинанк

Ситуацијата дополнително е комплицирана со постојните тензии помеѓу Ердоган и клучните држави во регионот: „Саудиска Арабија се повеќе се дистанцира од Турција“, забележува Хусеин Багџи, професор по меѓународни односи на Техничкиот универзитет на Блискиот Исток, со седиште во Анкара. Отсуството на саудискиот крал и престолонаследникот на самитот во Истанбул се толкува како можен знак за постоење на поголеми разлики.

Официјално, Саудиска Арабија остро ја критикуваше одлуката на Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Ријад потегот го нарече „неоправдан и неодговорен“ и „голем чекор назад во напорите за унапредување на мировниот процес“.

Но, турските провладини медиуми го обвинија Ријад дека премолчено го одобрува потегот на Трамп, а во Анкара се зголемуваат сомневањата дека ставовите на Ријад може да се променат.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во телевизиски говор рече дека некои арапски држави се плашат да заземат посилен став кон Вашингтон, велејќи дека се „исплашени“ од Доналд Трамп. „Се чини дека некои арапски земји се воздржуваат да го предизвикаат Трамп“, рече турскиот дипломат.

И покрај сериозните дипломатски пречки, Ердоган се надева дека на Самитот ќе донесе акционен план за борба против одлуката, наловена Истанбулската декларација.

Ердоган ги предводи европските и исламските спротивставувања на одлуката на Трамп за Ерусалим. За време на неговата посета на Анкара, рускиот претседател Владимир Путин го поддржа ставот на Ердоган.

Самитот му дава посилна позиција на турскиот претседател на светската сцена, во време кога тој се соочува со се поголема изолација од некои од неговите традиционални сојузници.

Разликите меѓу земјите што присуствуваат на самитот се очекува да претставуваат предизвик за Ердоган. Но, набљудувачите очекуваат тој да го искористи гневот и да ја нагласи потребата за посилен и пообединет став.

Треба да знаете
Последни објави