Search

Тројца пратеници во притвор, тројца во домашен притвор

Со лисици на рацете пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов го напуштија Кривичниот суд.

Во едно полициско комбе тројцата беа пренесени директно во истражниот затвор шутка, откако судија на претходна постапка им определи притвор. Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски полициските службеници ги однесоа во домашен притвор. Обвинителството барало четири притвори и два куќни притвори, а судот не го потврди барањето само за Димовски.

„За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор и му определи мерка куќен притвор.“

Четтири часа пред судот да ја соопшти одлуката, Мукоски пред медиумите изрази оптимизам дека нема да заврши во Шутка, но погреши во проценките.

„„Како што гледате цело време сум достапен за судот, правно гледано, мислиме дека нема аргументи за притвор, но судот нека одлучи и веруваме во него.“ “ – изјави Крсто Мукоски.

Поддршка пред влегување во скопска единица им дадоа сопартијците од актуелниот состав на ВМРО-ДПМНЕ. Василевски изрази и благодарност.

„Фала ви за поддршката и не се плашите.“ – изјави Сашо Василевски, пратеник на ВМРО ДПМНЕ.

Кога ја одредувал мерката притвор, судот сметал дека е неопходен притвор бидејќи и по седум месеци од крвавиот четвртоик постоела опасност од бегство, можност да влијаат на сведоци или евентуално да го повторат делото. Адвокатите на осомничените пратеници се разочарани од денешните одлуки на Кривичен. Изостана нивниот коментар пред објективите, но во телефонски разговор најавуваат жалби. И во решенијата, судот ги поучува дека сите имаат право на жалба во рок од 24 часа до кривичниот совет во истиот суд.

Со притворите на актуелните пратеници се пишува нова историја во македонската парламентарна демократија, за прв пат досега на народни избраници им е одредена најстрогата мерка, иако не е прв пат да се симне имунитет на пратеник поради кривичен прогон. Собраниската комисија им го одзеде имунитетот на Љубе Бошкоски за Раштански лозја, Владо Бучковски за случајот Тенковски делови, Хисен Џемаили и Хајрула Мисини кои беа обвинети во дел од хашките случаи.

Во петокот, 67 пратеници едногласно кренаа рака за да може Кривичен да одлучува по мерки кои обвинителството ги бара поради делото терористичко загрозување на уставниот поредок. Дел од пратениците беа посочувани дека ги отвориле собраниските врати за да влезе толпата, а останатите ги упатиле кон собранискиот прес центар, каде што беше извршено насилство врз пратеници.

Треба да знаете
Последни објави