Search

Латас денес седнува на обвинителна клупа

Новинарот и уредник на Телевизија Сител, Драган Павловиќ-Латас денес седнува на обвинителна клупа за даночно затајување во случајот на СЈО под кодното име „Тотал“.

За овој предмет денес во Основниот суд Скопје 1 е закажано првото рочиште на кое треба да се појави и обвинетиот Латас.

Новинарот Павловиќ-Латас, инаку, се споменува во два предмети на Специјалното јавно обвинителство. 

Првиот предмет се води под кодното име „Тотал” и се однесува на даночно затајување. Како што информираа претходно од СЈО, постои сомневање дека фирмите „Тотал медиа центар” и „Тотал маркетинг” во рок од седум години, од 2008 до 2015 навеле лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави со цел да избегнат плаќање на данок. Како сопственик на двете фирми фигурира Драган Павловиќ-Латас. Постојат сомневања дека правните лица на овој начин ја оштетиле државата за 120.000 евра, а физичките лица за 63.000 евра.

„Во некои од правните лица немало воопшто вработени. Таквите средства ги евидентирал како основни средства, набавка и сл. Осомничениот како управител преку правните лица вршел набавки за себе. На пример, за потребите на правните лица купени се душеци во износ од над 3.000 евра, рачен часовник или мебел, персиски теписи и сл. Со овие дејствија има сомнение дека одбегнал даночни обврски.” – изјави тогаш обвинителката  на СЈО, Фатиме Фетаи.

Вториот предмет на СЈО во кој како осомничен се јавува Латас, се води под името „Тревник”. Станува збор за бесправно изградени луксузни вили во Општина Зелениково. Како што информираа специјалните јавни обвинители, три вили во оваа општина биле подигнати без одобрение за градење. Почнале да се градат во 2011 година, а дозволата за градење ја добиле две години подоцна кога изградбата веќе биле завршена.

Треба да знаете
Последни објави