Search

СЈО настапи со 1.560 докази во „Труст“, меѓу нив и две необјавени „бомби“

Се очекува денешното рочиште, како што посочи и самата судијка да трае до крајот на работното време.

1.560 докази кои зафаќаат 81 страница, СЈО денеска изведува пред судот против Сеад Кочан и останатите двајца обвинети, како и трите фирми, опфатени во случајот „Труст“. 

Меѓу нив се и три разговори од „бомбите“. Еден од разговорите веќе беше објавен од СДСМ, а го водат поранешниот премиер Никола Груевски и првиот човек на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски. Другите два не се објавени во јавноста и ги водат тогашниот генерален секретар на Влада, Кирил Божиновски и Влатко Чинговски. 

Во долгата листа на докази е целокупната документација поднесена за тендерот на ЕЛЕМ, документи прибавени од РЕК Битола, докази за целокупната механизација и опрема на „Трансмет“, вештачења направени од машински инженер, како и од економист.

Меѓу доказите кои ги изведува СЈО се и фактури, податоци од Агенцијата за вработување за бројот на вработени лица во трите фирми, извештаи од банките за сметките на фирмите, книговодствена евиденција за начинот на кој ЕЛЕМ му плаќал на „Трансмет“ итн.

Со оглед на долгата листа докази, управникот од „Силекс неметали“ кој треба да сведочи денеска, сè уште чека пред судница за да влезе и да биде испрашан. Се очекува денешното рочиште, како што посочи и самата судијка да трае до крајот на работното време.

Во случајот „Труст“ првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште двајца, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, а со обвинението опфатени се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои здружени во конзорциум доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол, вреден над 17 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави