
Веќе десет дена трае потрагата по исчезнатиот Љупчо, а неговото семејство и блиските секојдневно се вклучени во обидите да го пронајдат. Неговиот внук Дарко сега излезе со јавна реакција во која бара одговорност и одговори од институциите, тврдејќи дека семејството уште пред исчезнувањето повеќепати алармирало дека на Љупчо му е потребна стручна помош поради сериозни проблеми со менталното здравје.
Според Дарко, во периодот пред исчезнувањето имало моменти кога неговиот вујко престанувал да ја зема пропишаната терапија, по што неговото однесување станувало сè понепредвидливо.
„Ние како семејство предупредувавме. Го пријавувавме неговото однесување. Пријави имаше и од станарите во неговата зграда. Не го правевме тоа за да му наштетиме, туку токму спротивното – за да му се помогне навреме и да не дојде до трагедија“, пишува Дарко.
Тој тврди дека семејството во повеќе наврати барало помош од полицијата. Последниот пат, како што наведува, им било кажано дека треба да обезбедат упат од матичниот лекар за Љупчо да може да биде упатен на болничко лекување.
„Извадивме, приложивме, па потоа одговорот беше дека нема каде поради реновирање во болницата и не можат да го сместат таму на лекување“, наведува Дарко.
Според неговите тврдења, при една од последните реакции од полициска станица семејството добило одговор дека „нема што да направат“ доколку Љупчо во тој момент е мирен.
По десет дена без информација каде се наоѓа неговиот вујко, Дарко јавно прашува дали институциите можеле и требало да реагираат порано.
„Денес Љупчо го нема 10 дена. И сега прашуваме: каде беше системот кога баравме помош? Каде беше полицијата кога предупредувавме? Зошто семејството мора само да се организира и да го бара?“, прашува тој.
Дарко наведува дека семејството самостојно споделува апели, проверува можни локации, собира информации и се организира во потрагата, но очекува надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки за негово пронаоѓање.
„Не сакаме ничија трагедија да стане причина утре да се прашуваме што можело да биде направено порано. Се плашиме за неговиот живот и за неговата безбедност. Се плашиме дека може да е во состојба во која не може да си помогне самиот“, пишува Дарко.
Семејството бара сериозна, организирана и итна потрага по Љупчо, но и одговори за тоа што институциите презеле во периодот пред неговото исчезнување.
„Ова нема да го оставиме вака. Ќе одиме до крај. Не само за Љупчо, туку за да не се случи утре истото со некој друг човек чие семејство ќе бара помош, а ќе биде оставено само“, наведува Дарко.
Љупчо е пријавен за исчезнат во СВР Скопје, а од Министерството за внатрешни работи претходно информираа дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање.
Семејството повторно апелира до сите граѓани кои го виделе Љупчо или имаат каква било информација што би можела да помогне во потрагата да се јават на 073-717-090 или во најблиската полициска станица.

