Search

Јовески: Обвинителството ќе истражува за додатоците кои ги добивале обвинителите од СЈО

Обвинителството ќе ги стави под лупа платите и додатоците за доверливост кои ги земале специјалните јавни обвинители, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за Канал 5.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии”. Вакви додатоци и надоместоци добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО.

-Обвинителите ќе ги испитаат сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците и доколку се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело, ќе се постапи согласно Закон. Исплатата на плати и надоместоци е утврдена во Законот за плати на јавните обвинители. До постапување на алатката “Отворени финансии”, висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоците за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители, за кои на сајтот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати, вели Јовески.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара формирање на Анкетна комисија во Собранието која ќе има за цел да го испита работењето на СЈО и Катица Јанева, со цел, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, македонските граѓани да дознаат како и за кои потреби се трошени нивните пари од страна на оваа институција .

Треба да знаете
Последни објави