Search

Ѓорчев во Стејт департментот во Вашингтон

Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев е во неколкудневна работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамки на неговата посета Ѓорчев оствари средба со претставници на Стејт депарментот, а се сретна и со Даниел Твининг, претседател на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) од Вашингтон, информираат од партискиот Центар за комуникации.

Ѓорчев на средбата во Стејт департментот се сретна со Дејвид Костеланчик, новиот директор на одделот за јужна и централна Европа, заменик директорот Мајкл Константино, како и Џил Дитрих од канцеларијата за Македонија, кои ги информираше за актуелните политички состојби во Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги развива силните билатерални односи на Македонија со САД, како и стратешкото партнерство базирано на договорот од 2008 година. Македонија ќе биде активна членка на НАТО алијансата, заедно со нашите сојузници од евро-атлантската заедница“, изјави Ѓорчев.

Тој ги информираше соговорниците и дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува сериозна и конкретна програма за привлекување на инвеститори и нови фабрики на компании од САД во Македонија.

„Со напорна работа и економските политики на ВМРО-ДПМНЕ ќе настојуваме да донесеме уште повеќе инвеститори од САД, како и Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Белгија, Австрија и други земји“, посочи Ѓорчев.

На средбата со претседателот на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), Даниел Твининг, беше констатирано дека ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ ќе продолжат интензивно да соработуваат во делот на политичките обуки, кампањи, комуникација со гласачите, надворешната политика и другите аспекти на политичката соработка.

„ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ соработуваат долги години. Лично се сеќавам кога заедно со Борис Трајковски ја почнавме таа соработка во 1998 година со првиот претставник на ИРИ за Македонија Кент Патон. Денес ИРИ во Скопје има одличен тим и канцеларија, а тоа е гаранција дека ќе продолжат добрите проекти и нашата заедничка соработка и партнерство“, заклучи Ѓорчев.

Треба да знаете
Последни објави