Search

Шилегов: Легално во земјава не е внесен опасен отпад, но треба да се провери

Според информациите со кои располагаме опасен отпад во земјава и во „Дрисла” не е внесен, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, но сепак додава дека тоа треба да се провери и ги повикува и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

Ваков одговор даде градоначалникот денеска на прес-конференција по објавување на информацијата викендот дека во Бугарија е отворена истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери отпад од компаниајта „Блацион” ООД во сопственост на Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла”.

-Градот Скопје не е орган кој на каков било начин е поврзан со увоз на отпад. И прашањето е за Царинската управа. Она што јас го имам како информација е дека легално не е внесен отпад во „Дрисла”, рече Шилегов на прес-конференцијата на која соопшти дека со депонијата „Дрисла” повторно ќе управува Градот Скопје.

Според него, ако нешто е добро во таа работа е што се однесува на соседна држава, а не се однесува на градот Скопје, но, истакнува дека не може да биде исклучив во ниту еден одговор на таа тема и ги повика и надлежните институции по преземањето на Дрисла и граѓанските асоцијација, кои имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности да ги разменат за да се дојде до фактичката состојба.

Шилегов потенцира дека нема сознанија дали депонијата има дозвола од 2016 година да депонира опасен отпад, но рече дека сепак тоа е нешто што сака да се провери.

Треба да знаете
Последни објави