Skip to main content
Свет

ЦИА предлага нов договор за прекин на огнот во Газа: Осум заложници за десетици Палестинци

29/10/2024  12:28

Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на САД, Вилијам Бернс, соопшти дека на Хамас ќе му даде нов предлог за привремен прекин на огнот во Појасот Газа.

Договорот, кој предвидува пауза во борбените дејствија од 28 дена, вклучува ослободување на осум заложници од страна на Хамас во замена за ослободување на десетици Палестинци од израелски затвори, пренесе американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на три анонимни израелски извори.

Бернс го претставил овој план за време на викендот, на состанокот во Доха, каде присуствувале израелски и катарски официјални лица.

Во рамки на договорот, Хамас би ослободил „осум жени од сите возрасти или мажи над 50 години“, додека Израел се согласува на привремен прекин на огнот.

Сепак, според изјавата на висок израелски претставник, Хамас бара прекин на огнот кој би отворил пат за целосно повлекување на Израел, а доколку ниту едната страна не ги ублажи своите позиции, нема да се постигне договор.

Овој предлог за прекин на огнот, според Аксиос, би можел да ја прекине двомесечната блокада во преговорите за примирје, да ги подобри хуманитарните услови во Појасот Газа и да отвори можност за постигнување на сеопфатен мировен договор.