Search

Филипче: Од собирите во Охрид имаше многу помалку новозаболени отколку од семејните прослави

Училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава со физичко присуство и за одделенијата над трето, но, ако, на пример училиште во Скопје аплицира за таква дозвола, ние нема да го дозволиме тоа, вели министерот за здравство, Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во врска со ширењето на новиот коронавирус, Министерот во интервјуто вели и дека по големите собирања во Охрид немало толку драстично зголемување на новозаболени во споредба со „вториот бран“, кога во рамките на семејните настани во затворени простории се јавуваа нови случаи.

-Препораката училиштата да започнат со работа од први октомври е поради тоа што во месец септември ќе има доволно настани и случувања што можат да ја влошат епидемиолошката слика и децата во училиште да бидат уште еден дополнителен фактор којшто сакаме да го одложиме. Кои се тие настани? Луѓето почнуваат со работа после враќањето од одморите, од патувањата, и градинките кои почнуваат со работа следната недела. Влошувањето на епидемиолошката ситуација и реперкусијата по болничкиот систем доаѓа после две до три, можеби четири недели од некаков настан, тогаш ги гледаме пациентите кои потенцијално би требало да се лекуваат во болници. Ама ако тогаш се јави голема бројка, тогаш е касно да се реагира, и во таа смисла препораката за училиштата беше да почнат со онлајн настава, со неколку исклучоци- децата од прво до трето да бидат физички присутни во училиштата. Зошто? Заради тоа што во празни училишта има повеќе простор тие да се распределат, да се намалат контактите меѓу нив, да почнат со часовите во различно време, да не се сретнуваат на влез, во ходниците, на излез на крај на часовите, и исклучок во училишта ширум државата кадешто има мал број на ученици во класовите, мал број на класови во училиштата, според проценката на Комисијата која е формирана од членови на МОН, Министерството за здравство и Канцеларијата на претседателот на владата. Има училишта, да дадам пример, кои имаат по пет-10 ученици во еден клас, тука се обединуваат ученици од прво до четврто одделение, некаде над 300 училишта во нашата држава се такви, меѓутоа тоа ќе биде со дозвола на Комисијата за заразни болести, ако епидемиолошката ситуација во таа општина тоа го дозволува, Вели Филипче.

Целосното интервју погледнете го тука.

Треба да знаете
Последни објави