Search

Утврдени мерки за оние што ќе одбијат решение за самоизолација или што даваат лажни информации

На денешната седница е донесена Уредба за изменување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба.
Уредбата определува дека доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Министерството за внатрешни работи донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице.
На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за активностите на Европската Унија за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на КОВИД-19. Од информацијата произлегуваат препораки со кои на земјите членки, како и на земјите кандидати за членство во Унијата, им се препорачува промовирање на проверени информации и веродостојна содржина со појдовен извор како што е Светската здравствена организација, како и спротивставување на измами поврзани со коронавирусот, унапредувањето на принципот на одговорност и одговорноста на онлајн платформите и детекција и анализа на дезинформациите, вклучувајќи и преземање на координирани кампањи за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на КОВИД-19.
Треба да знаете
Последни објави