Search

СЈО: Во финална фаза е истрагата за лажните патарини на Силвана Бонева

Истрагата за предметот на СЈО со кодно име „Друмарина“, во кој е осомничена експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева за лажни фискални со што наплаќала патни трошоци од Собранието, е во финална фаза, пишува во Седмиот извештај за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ( за периодот 15- ти септември 2018 година до 15-ти март 2019 година).

„Предметот заведен под НСК-КО бр.19/17 се наоѓа во фаза на истражна постапка. Во текот на извештајниот период, преземени се голем број на истражни дејствија, односно испитани се сведоци, поднесени се повеќе барања до различни институции по кои се доставени бараните податоци. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите донесе Решение НСК-КО бр.19/17 од 22.10.2018 година со кое воспостави стварна надлежност на предметот РО.бр.1590/18 на Основно јавно обвинителство Скопје, како и Решение НСК-КО бр.19/17 од 25.12.2018 година со кое воспостави стварна надлежност на предметот РО.бр.3043/18 на Основно јавно обвинителство Скопје. Предметот се наоѓа во финална фаза, па по завршување на истражната постапка, ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, пишува во извештајот.

Според СЈО во периодот од јуни 2012 до декември 2015, Бонева приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела одејќи на релација од својот дом во Струмица до Скопје, меѓутоа обвинителството има докази дека таа имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100.000 километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина секој работен ден патувала.

СЈО пресметало дека на овој начин Бонева направила измама што го чинела Собранието некаде околу 100.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави